Фото: Olympique de Marseille/x

Летаа петарди од трибините, а Марсеј ѝ даде „петарда“ на Ница

Екипата на Роберто Де Зерби славеше со 5:1 на Азурниот Брег и барем накратко ја презеде лидерската позиција.

Кога играте против екипа што ја води Роберто Де Зерби, сигурно е само едно – никогаш нема да биде досадно. Така беше во Сасуоло, во Брајтон, а сега и во Марсеј. Кога на тоа ќе се додадат и противничките навивачи, во овој случај навивачите на Ница, добивате вистински спектакл. Марсеј успеа да дојде до голема победа во меч исполнет со тензија. Домашните симпатизери не ги дочекаа гостите пријателски, дојде и до тепачка меѓу резервните играчи, но хаосот на Азурниот Брег на крајот им припадна на некогашните европски шампиони.

Атмосферата на „Алијанц Ривиера“ беше пеколна, а клучниот момент се случи во 33. минута. Од трибините почнаа да летаат петарди кон гостинските играчи. Една петарда го погоди левиот бек на Марсеј, Емерсон, по што на теренот настана голема гужва во која влегоа резервните играчи на двете екипи. Чудо е како никој не доби црвен картон, но мечот од тој момент стана уште поинтензивен, а Марсеј на крај возврати со „петарда“ во мрежата на Ница – 5:1.

Иако по половина час игра водеа со 2:0 преку Пјер Емерик Обамејанг и Мејсон Гринвуд и имаа контрола, Марсеј успеа да влезе во непотребен хаос. Гостите не сакаа да се повлечат, а Ница не сакаше да се предаде. Шансите почнаа да се редат буквално секоја минута. Ница имаше два зицера преку Терем Мофи, се обиде и Џума Ба, но топката едноставно не влегуваше. На чудо, Марсеј сепак замина со предност од два гола на полувреме.

Кога ситуацијата на трибините и на теренот се смири за време на паузата, гостите почувствуваа „крв“ и решија да зададат завршен удар. За само пет минути тимот на Де Зерби го замолкна стадионот. Прво Гринвуд постигна втор гол, а потоа Тимоти Веа од одбиток ја „положи“ Ница. Тренерот на домаќините, Франк Хајс, можеше само да фрли бел пешкир, свесен дека секоја понатамошна офанзива би значела уште поголем дебакл.

Екипата на Де Зерби покажа дека, колку и да делува хаотично на моменти, има напаѓачки потенцијал со кој може да даде гол или два против секого. На крајот на краиштата, кога Обамејанг со 36 години ќе запише гол и асистенција без никакви проблеми, јасно е за каква класа станува збор. Останува само прашањето колку долго ќе успеат да го држат чекорот со Пари Сен Жермен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот