Лекарска комора: Етичката комисија го осудува д-р Игор Кузмановски

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора, постапувајќи по случајот со видеоснимката објавена на социјалните медиуми во која е инволвиран д-р Игор Кузмановски, упатува јавна морална осуда за настанот.

Оваа се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат, велат оттаму во соопштение за јавноста.

Комората нагласува дека д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата.

Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги, наведуваат од ЛК.

На состанокот на Комисијата, детално биле разгледани документите добиени од Министерството за здравство, а била направена и проверка на поднесените претставки до Комората за евентуални етички пропусти во работењето, при што било констатирано дека нема случај поврзан со д-р Кузмановски.

Со цел да може да се обезбедат соодветни факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот во изминатиот период, што сметаме дека е важно во оваа ситуација, Комисијата цени дека е важно да ги имаат на увид и извештаи од стручните комисии формирани за овој случај од страна на Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија. По добивањето на овие официјални извештаи и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми, велат од Лекарската комора. 

Д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност. Доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот