Лекарите советуваат децата од септември да се вратат во училишните клупи

Ученици во основно училиште/Илустративна фотографија:ARNE DEDERT / AFP / Profimedia

Новата учебна година децата да ја дочекаат во училишните клупи, а не дома пред компјутер, препорачуваат лекарите. Ризикот по здравје на децата од ковид19 не е голем, а со соодветни протоколи за заштита се намалуваат шансите за трансмисија на болеста. Комисијата за заразни болести и Министерството за образование и наука ги подготвуваат протоколите за училиштата и засега се знае само дека нема да бидат за сите исти.

Директорот на Центарот за јавно здравје Александар Стојанов вели дека на разговорите со Министрство за образование и наука станало јасно дека нема да биде еден урнек и еден протокол за сите училишта.

– За сите ќе важат општите препораки, дизинфекција, миење раце и повисокото ниво на одржување на хигиена, држење растојание од метар и половина или два, маски. Во сите училишта немаме исти услови, во Источна Македонија има паралелки со по 14 деца и тука може да се почитуваат мерките. Но во Скопје и Куманово имаме паралелки со по 34 деца. За таму треба да се бараат други решенија дали ќе се организираат повеќе смени со пократки часови, половина од децата да доаѓаат една недела во училиштето, а другите друга, се бараат решенија. Но важно е децата да се вратат во училиштата, бидејќи алтернативниот начин на образование го нема посакуваниот ефект. Да не создаваме неписмени генерации – вели Стојанов.

Според најавите на надлежните, до 10 август треба да се донесе одлука како ќе почне учиштата година. Педијатарот Ангелчо Андоновски вели дека нормалниот тек на едукацијата на децата мора да продолжи.

– Контактот со училиштето, наставниците, децата, со реалната настава е и психолошки битен момент за понатамошниот правилен раст и развој на детето. Секако дека протоколите ќе бидат изработени за да понудат највисоко ниво на заштита за учениците и ќе овозможат малку поразличен и прилагоден тек на наставата, но сепак контролиран и нормален – вели Андоновски.

Очекуваме, додава тој, Комисијата за заразни болести, МОН и Министерството за труд и социјална политика да го изберат најдобриот и најприлагоден протокол за отпочнување на училишната година од 1 септември.

Наставниците засега немаат ниту насоки ниту обуки околу тоа како ќе ја почнат новата училишна година откако речиси 4 месеци од старата останаа дома обидувајќи се на различни начини да го предадат материјалот на децата.

МОН: Децата ќе бидат побезбедни во училиште, отколку во парковите и дискотеките (ВИДЕО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот