Лауреат на 15. МТФ „Св. Јоаким Осоговски“ е актерката Биљана Драгичевиќ Пројковска

Актерката Биљана Драгичевиќ Пројковска, како лауреат на 15. Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговоски“, ќе добие награда за особен придонес во македонскиот театар и култура.

Јубилејното издание на фестивалот, којшто традиционално е ревијален и нема натпреварувачки карактер, ќе се одржи од 28 септември до 7 октомври во Крива Паланка, каде ќе настапат девет театри од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од нашата земја.

Фестивалот ќе биде отворен со пригодна свеченост при што на актерката Биљана Драгичевиќ Пројковска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, ќе ѝ ја врачи наградата, по што ќе следува, на првата фестивалска вечер, претставата „За нас почнува живот“, работена по текст на Ѓерѓ Шпиро, а во режија на Дејан Пројковски со лауреатката Биљана Драгичевиќ Пројковска и Нино Леви.

Непосредно пред почетокот на свеченоста ќе биде отворена изложба на театарските плакати на Фестивалот од авторот Стојанче Величковски.

На втората фестивалска вечер ќе биде изведена претставата на Народниот театар „Стерија“ од Вршац, Србија, со наслов „Откачено запросување“ од Зоран Божовиќ во режија на Петар Пјер Рајковиќ со актерите Милош Ѓуровиќ, Јована Андреевиќ-Грујиќ, Соња Радосављевиќ и Срѓан Радивојевиќ.

На први октомври ќе настапи Уметничката работилница „Призор Плус“ од Белград, Србија, со мјузиклот „Весели девојки“ во режија на Раде Вукотиќ со Тијана Дапчевиќ, Јелена Ѓукиќ, Маја Брукнер, Светлана Стефановиќ, Зорана Павиќ и Ивана Петерс.

На втори октомври Драган Тешиќ од „Драфт театар“ од Тузла ќе ја изведе монодрамата „Со кого и со што во ЕУ“, а на трети октомври ќе се претстави градскиот театар „Јоза Ивакиќ“ од Винковци, Хрватска, со „Три и пол сестри“ од Петра Цицвариќ во режија на Пеѓа Гвоздиќ со Матеа Марушиќ, Мартина Стјепановиќ, Ловорка Трдин и Петра Цицвариќ.

Претставата „Ноќ во куќата на господин Колак“, по текст на Владимир Ѓурѓевиќ во режија Ирфан Менсур, на „Југоарт продукција“ од Белград, Србија, со Слободан Бодо Нинковиќ, Ирфан Менсур и Владимир Керкез ќе биде прикажана на четврти октомври.

На петти октомври Народниот театар од Лесковац, Србија, ќе настапи со „Чекајќи го докторот“ во режија на Синиша Евтимов со Петар Смиљковиќ, Тања Крчмарик, Филип Радивојевиќ, Сузана Грујиќ, Иван Јанковиќ, Петра Димитријевиќ и Наташа Пејиќ.

Народниот театар од Штип ќе ја изведе претставата „Власт“ од Бранислав Нушиќ во режија на Ѓорѓи Ризевски на шести октомври со актерите Ефтим Трајчов Ѓаурски, Милорад Ангелов, Никола Милошевски, Елена Шорова Дербов, Марко Трајковиќ, Ава Хусеини, Миланчо Ѓеоргиев и Стефанија Митовска.

Фестивалот ќе заврши со настап на Театар Комедија од Скопје на седми октомври со претставата „Анатомија на неверството“ од Валентин Красногоров во режија на Александра Кардалевска со актерите Жаклина Петровска и Тони Денковски.

По повод петнаесетгодишниот јубилеј на актерот и режисер Владо Денчов ќе му биде врачена специјална повелба „Свети Јоаким Осоговски “ за придонес во аудиовизуелните уметности и медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот