Ландсбергис прашува: Зошто да одам во Скопје и да преговарам со човек кој не треба да лета во демократски земји?

Габриелиус Ландсбергис / Фото EPA-EFE/TOMS KALNINS

Литванскиот министер за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис на својот профил на Икс објави дека нема да присуствува на Самитот на ОБСЕ во Скопје бидејќи на него ќе учествува шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

„Зошто би летал до Скопје на Самитот на ОБСЕ за да дискутирам за европската безбедност со човек на кој не треба да му се дозволи да лета во демократски земји освен ако неговата дестинација не е Хаг?“ напиша тој на Икс.

Во неговите претходни коментари на социјалните мрежи, Ландсбергис ја коментираше поддршката на неговата земја за Украина.

„Во моментов ги имаме сите ресурси што им се потребни на Украинците, освен волјата да ги оставиме да победат. Треба да дозволиме украинската храброст да не инспирира наместо да дозволиме стравот од Русија да не ограничува. Треба да се плашиме од руска победа, а не од правдата за Украина“ напиша тој.

Балтичките земји Летонија, Литванија и Естонија вчера соопштија дека нивните министри нема да присуствуваат на Самитот на ОБСЕ во Скопје поради учеството на Лавров.

„Присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ“ се наведува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји.

Покрај нив, и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави дека нема да биде дел од Самитот. Како што соопшти украинското Министерство за надворешни работи, присуството на руската делегација на средбата на министерско ниво за првпат од почетокот на руската целосна инвазија на Украина само ќе ја продлабочи кризата во која Русија го воведе ОБСЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот