Лагите на Трамп се кусоноги, но кусо ни е и сеќавањето
Доналд Трамп, кој со години блефира, претерува и агресивно го наметнува својот наратив, сега настојува истиот модел да го префрли и во контекст на војна, каде што ризиците и последиците се многу посериозни отколку во стандарден политички конфликт.
Политичката моќ не се покажува само преку воена сила или преку економска супериорност, туку и преку психолошки тактики што суптилно ги преобликуваат перцепцијата за авторитет и начинот на кој јавноста ја доживува реалноста. Во таква средина, некои пораки полесно поминуваат, но не бидејќи се нужно вистинити, туку зашто се наметнати доволно силно и доволно често. Бомбардирањето со многу информации — дел од нив вистини, дел полувистини, а дел лаги — го ослабнува филтерот на критичкото размислување.
Препорачано
Таков пример е американскиот претседател Доналд Трамп. Во неговата ера, Белата куќа пласира дипфејк видеа и дезинформации, додека неговите изјави од ден на ден се менуваат, честопати се екстремни и контрадикторни, а дел од неговите потези делуваат опасно и непредвидливо. Според некои аналитичари, ваквите јавни настапи, медиумски шокови и нагли пресврти не треба да се толкуваат само како одраз на темперамент, туку и како свесно осмислена комуникациска тактика. Додека војната со Иран влезе во вториот месец, стилот на комуникација на американскиот претседател, обележан со претерувања, разубавувања и со контрадикторни изјави, сè појасно се судира со реалноста на еден многу посериозен и непредвидлив конфликт.
Според анализа на „Асошиејтед прес“, претседателот, кој долго време се потпира на блефирање и на агресивно обликување на наративот, сега се обидува истиот пристап да го примени и во воени услови, каде што последиците се далеку поголеми отколку во обичен политички судир. Притоа, Трамп испраќа неусогласени сигнали: ги обвинува другите држави дека не им помагаат доволно на САД, па потоа тврди дека нивната поддршка и не му е потребна; поставува рокови за Иран околу Ормускиот Теснец, па двапати ги пролонгира; се заканува со уништување ирански енергетски објекти, па ги одложува нападите, додека истовремено уверува дека американската страна не трпи сериозни последици од кризата.
„Во времето на Трамп, еден ден е вечност“
Историчарот Мајкл Рубин вели дека Трамп е првиот современ претседател што практично не си поставува реторички граници, што само ја зголемува збунетоста. Иако критичарите во таквиот пристап гледаат отсуство на долгорочна стратегија, за самиот Трамп токму таа непредвидливост изгледа е метод да ги држи и противниците и сојузниците во постојана неизвесност. Но, додека Рубин на шега вели дека „во времето на Трамп, еден ден е вечност“, веројатно мислејќи на тоа дека не се знае што носи новиот ден кога е Трамп во прашање, пазарите и дел од политичарите во Вашингтон на ваквиот стил гледаат со сè поголема нервоза и недоверба.
Геополитичката аналитичарка Нела Јакшиќ за „Слободен печат“ објаснува дека тоа што го прави американскиот претседател не е случајно, туку е прецизна тактика за спинување на политичкиот дискурс во полза на САД, со што политичкиот легитимитет на Трамп, а воедно и преговарачката рамка на САД во воениот конфликт, се зголемува, како што се зголемува и нивната комплетна доминација врз медиумскиот простор.
– Информацискиот хаос на кој што сме сведоци со последните геополитички случувања а особено со воениот конфликт во Иран, претставува една политичка тактика на предизвикување информациска хипокризија која во исто време е слоевита интеракција на дипломатија, психолошко манипулирање со вистината и медиумска стратегија, а овие нешта функционираат паралелно – објаснува Јакшиќ.
Тврдењата на Трамп за напредок во воениот конфликт служат како инструмент за обликување на јавните перцепции, објаснува таа, вршење притисок врз Техеран, смирување на домашната јавност и за проектирање чувство на динамика пред сојузниците. Негирањето од страна на Техеран, пак, додава Јакшиќ, е еднакво стратешко, насочено кон одбивање на перципираниот притисок, зачувување на преговарачката позиција и сигнализирање дека не може јавно да биде притиснат кон отстапки.
– Во оваа динамика, „вистината“ станува секундарна во однос на позиционирањето, при што двете страни користат селективни наративи за да влијаат врз темпото и условите на можниот исход – вели геополитичката аналитичарка.

Тактика на заситување со информации
Јакшиќ објаснува дека моделот на чести, а понекогаш и контрадикторни изјави не е случаен, туку е карактеристичен за преговарачки стил што се потпира на заситување со информации и на губење на доследноста.
– Со постојано менување на наративот, Трамп ја намалува можноста противниците, медиумите, па дури и на институционалните актери да го врзат за фиксна позиција, со што задржува максимална флексибилност, а со тоа и политичка предност да креира „нова вистина“. Ова, пак, несомнено создава „магла“ во комуникацијата, каде што недоследностите не се доживуваат како слабост, туку како тактичка и геополитичка победа, отежнувајќи ги притоа контра-стратегиите и оставајќи повеќе опции отворени – вели таа.
„Асошиејтед прес“, пак, анализира дека таквата реторика создава дополнителна збунетост и остава впечаток на политика што повеќе потекнува од импровизација отколку од цврста стратегија.
Поранешниот секретар за одбрана и директор на ЦИА Леон Панета оценува дека војните честопати ја оттурнуваат вистината настрана, но дека кај Трамп тоа прерасна во речиси стандарден начин на комуникација, со постојано претставување дека сè е под контрола и дека САД победуваат.
– Ова не е првата администрација што не ја кажувала вистината за војна. Но, претседателот го претвори тоа во еден вид многу стандарден пристап кон речиси секое прашање, на еден или на друг начин да лаже за тоа што навистина се случува и во основа да прикажува дека сè е во ред и дека ја добиваме војната – вели тој.
Сепак, од геополитички аспект, ваквата стратегиска тактика е доста ризична бидејќи доведува до постепено еродирање на кредибилитетот и на предвидливоста.
Јакшиќ објаснува дека Трамп со неговиот пристап веќе ја презаситува јавноста.
– Како што сме сведоци дека на домашен терен американската јавност станува презаситена од наративот и сѐ повеќе критички настроена, што е висока цена да се плати, особено во предизборна година, иако носи краткорочна предност во високоризични геополитички преговори – вели таа.
Американските предлози за мир се нереални, нелегални и прекумерни, тврди иранското МНР
„Една недоследност бргу се заменува со друга“
Проблемот не е само во постоењето недоследности во излагањата на Трамп, вели Јакшиќ, туку во брзината со која тие се заменуваат со нови.
– Да не заборавиме дека Трамп не е сам во оваа медиумска стратегија, туку зад него стои огромна политичка машинерија што произведува информации на дневна основа и им дава кредибилитет преку кои се креира надворешната, а и глобалната политичка сцена. Во таква комуникациска средина, политичката одговорност станува структурно потешка бидејќи секое ново тврдење го оттурнува вниманието од претходното пред институциите, медиумите или пред политичките противници да успеат целосно да го проверат и санкционираат – објаснува таа.
Јакшиќ вели дека последните случувања околу пораките на Трамп за Иран го покажуваат токму овој модел: тврдењата за напредок во преговорите се појавуваат паралелно со закани за продолжување на бомбардирањата, додека Техеран ги негира преговорите какви што ги опишува Трамп, а сојузниците отворено изразуваат скептицизам кон стратегијата на Вашингтон. Резултатот не е само конфузија, туку создавање политички ритам во кој контрадикцијата станува одржлива, бидејќи вниманието веќе се префрлило на нешто ново.
ВИДЕО | Трамп: Никој во историјата не ја заслужува Нобеловата награда за мир повеќе од мене
Политичкото сеќавање станува сѐ побледо
Брзото темпо на комуникација што го користи Трамп може да функционира како заштита од политичка одговорност, бидејќи во морето од информации, дезинформации и постојано нови изјави, јавноста бргу заборава што било кажано претходно. Со тоа слабее и можноста невистините да бидат целосно проверени, запаметени и на крај политички казнети.
– Во нормален политички циклус, една невистина создава низа: тврдење, проверка, јавна реакција и репутациска цена. Но, кога протокот на пораки е забрзан, таа низа се прекинува. Сојузниците остануваат во сомнеж околу целите на војната, дипломатите се принудени на постојано „гаснење пожари“, а јавноста сè потешко прави разлика помеѓу сигнал, импровизација и реална политика. Со текот на времето, ова не само што ги штити поединечните невистини, туку создава систем во кој самата политичка меморија слабее, а кога меморијата слабее, се намалува и можноста за санкционирање – објаснува Јакшиќ.
Конгресменот Грегори Микс од Њујорк, водечки демократ во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, го опишува Трамп како некој што „оди напред-назад и постојано си противречи“.
– Администрацијата импровизира. Па како тогаш да му верувате на претседателот за тоа што го кажува? – вели тој.
„Луѓето отрпнуваат, војната станува нормална“
Јакшиќ тврди дека оваа стратегија на Трамп произведува два еднакво застрашувачки ефекти: или состојба на политичка апатија или политички револт спрема одредено лидерство.
– Во случај кога настанува состојба на политичка апатија кај публиката, почнува да се нормализира нестабилноста, да се прифаќаат воените конфликти и хуманитарните кризи како веќе нужна појава во денешното општество и живеење. Се создава простор за идеи што инаку би предизвикале моментален отпор, како неконвенционални територијални или безбедносни предлози, да влезат во главниот јавен дискурс со намален отпор, како што беше и случајот со Гренланд – објаснува Јакшиќ.
Откако замре иницијалниот шок од изјавите на Трамп за купување автономна територија, додава таа, која не претставува предмет на аукција, публиката повеќе загуби интерес и денес веќе Гренланд не е тема на јавен дискурс, а претставува сè уште релевантно и отворено геополитичко прашање за безбедноста во Арктикот.
Јакшиќ заклучува дека долгорочно, ваквата состојба произведува ерозивни последици: ги ослабува институциите, ја брише јасната линија меѓу реторика и реална намера и го зголемува ризикот важни предупредувања да бидат погрешно сфатени или целосно игнорирани бидејќи јавноста постепено запаѓа во апатија и замор од постојаниот информациски притисок.
Кога, пак, наместо апатија се јавува отворен револт кон комуникацискиот стил на Трамп и кон перцепцијата дека администрацијата управува преку дезинформациски притисок, посочува таа, почнува да слабее и кредибилитетот на администрацијата на Трамп, што се гледа во зголемениот скептицизам кон пораките од Вашингтон, во повиците за поизразен дипломатски пристап и во постепеното преобликување на трансатлантските односи, додека пазарите и меѓународните институции сè потешко проценуваат како да ги читаат американските сигнали, што дополнително ја зголемува нестабилноста во енергетиката и економијата.
„Поддршката од републиканците е на стаклени нозе“
Овој пристап на Трамп може директно да ја поткопа поддршката од неговата база. Иако републиканците и натаму главно стојат зад Трамп, во нивните редови веќе се чувствува извесна нервоза околу тоа каде може да води конфликтот со Иран. Дел од нивните избирачи го поддржуваат досегашниот тврд пристап, но истовремено остануваат многу почувствителни на секојдневните економски проблеми, пред сѐ на трошоците за живот.
Кај некои републикански конгресмени се појавуваат и резерви околу можноста САД подлабоко да се вовлечат во војната, особено ако тоа значи испраќање копнени сили и долгорочен ангажман без јасна стратегија и без доволно информации од администрацијата.
Тој јаз меѓу поддршката за ограничени воени удари и неподготвеноста за поширока војна го потврдува и анкетата на „Асошиејтед прес“, според која мнозинство републиканци одобруваат напади врз ирански воени цели, но само мал дел би поддржал американски копнени трупи. Тоа за Трамп отвора политички ризик: ако конфликтот се одолговлечи, ескалира или побара нови огромни буџетски средства, незадоволството може да почне да расте токму кај неговата база, а со тоа да се зголеми и притисокот врз републиканците пред ноемвриските избори.
Во меѓувреме, Белата куќа се обидува да ја претстави операцијата како голем успех, додека дел од аналитичарите сметаат дека во променливата и честопати контрадикторна реторика на Трамп можеби има одредена тактичка логика – да се внесе несигурност и страв кај иранското раководство.
Но, критичарите предупредуваат дека таквиот пристап, исто така, може да биде знак за импровизација и за отсуство на јасна завршна стратегија. Според нив, ако Трамп не успее целосно да ги исполни поставените цели, можно е на крајот едноставно политички да прогласи победа и така да се обиде да го затвори конфликтот.
Јакшиќ смета дека опасно е тоа што стратегијата на постојани изјави, контрадикции и обиди за целосна контрола врз геополитичкиот дискурс може да почне да им се измолкнува и на самите актери што ја применуваат.
Во услови на војна, каде што одлуките имаат економски, енергетски, дипломатски и безбедносни последици за целиот свет, губењето јасна граница меѓу тактика и реалност го отежнува носењето разумни мерки и ја зголемува опасноста од погрешни проценки. Тоа отвора простор за напади врз дипломатски мисии, верски и енергетски цели, за раст на екстремизмот и онлајн радикализацијата, но и за внатрешни економски потреси, бидејќи без стабилна и веродостојна слика за настаните станува многу потешко да се заштитат пазарите, валутите и општата безбедност, заклучува геополитичката аналитичарка.
ПРЕСВРТ | Нела Јакшиќ: Царинската војна меѓу Кина и САД ќе заврши без конкретен победник


