Лагард: Трговскиот спор претставува закана за светската економија
Континуираните трговски тензии меѓу САД и Кина претставуваат закана за светската економија, изјави директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристин Лагард, за време на учеството на Форумот за долгот во Париз.
Препорачано
„Денес е повеќе од јасно дека тензиите меѓу САД и Кина се закана за светската економија“, рече Лагард, додавајќи дека последните „гласини и твитови“ го направиле трговскиот договор меѓу двете страни помалку веројатен. „За нас, во ММФ, е императив трговските тензии да бидат решени на начин да ги задоволува сите“, истакна Лагард, пренесува „Bloomberg“.
„Мислевме дека оваа закана се намалува и односите ќе се подобруваат и ќе се движиме кон договор“, рече Лагард во Париз. „Се надеваме дека се уште е така, но денес гласините и коментарите не се многу поволни“.
Сепак кинескиот вицепремиер Лиу Ху, за кого се тврди дека е многу близок со претседателот Си Џинпинг, ќе биде во Вашингтон во четврток и петок за новата рунда од трговските преговори, потврди денеска кинеското Министерство за трговија, иако пред неколку дена Трамп изјави дека планира да ги зголеми царините на кинески стоки за 200 милијарди долари до 25% од 10% и исто така може да наметне царина за стоки за 325 милијарди долари, кои во моментов не се покриени.
Коментарите на Лагард ги потврди и францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер, на истиот настан.
„Многу повнимателно ги следиме сегашните преговори меѓу Кина и САД и сакаме тие да ги почитуваат принципите на транспарентност“, посочи францускиот министер за финансии и повика Пекинг и Вашингтон да „избегнуваат решенија кои би го загрозиле и би го поткопале светскиот раст во следните месеци“, мислејќи на плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе до крајот на неделава давачки од 25% за увоз на кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари.
„Зголемувањето на тарифите е секогаш ќорсокак и има негативни последици за целиот свет, за САД, за Кина, за еврозоната, за Европа и за светскиот раст“, посочи уште Ле Мер.


