Фото: EPA-EFE/ERMAL META

Курти: Треба да ги средиме односите со Србија – мора да се признаеме меѓусебно, барем де факто

Косово и Србија треба да ги нормализираат своите односи, изјави косовскиот премиер Албин Курти во средата, неколку дена пред парламентарните избори на кои тој се обидува да го продолжи мандатот со посилна политичка поддршка, пренесе „Франс 24“.

Курти е на функцијата од 2021 година, а претходните договори потпишани со Србија – која не ја признава независноста на поранешната покраина – сè уште не се спроведени.

На своето интервју за АФП, тој ги посочи пречките во нормализирањето на односите со Србија.

– Треба да ги нормализираме односите со Србија. Но, нормализацијата на односите со соседна земја во која постои авторитарен режим што не ве признава и што не ги признава злосторствата извршени за време на војната, е многу тешка – изјави Курти.

А зошто хотел „Трамп“ да не никне во Приштина? Провокативен предлог на сопругот на косовската претседателка

Тензиите меѓу двете соседни земји редовно се високи, а нова ескалација, според Курти, би ѝ овозможила на Русија дополнителни средства за дестабилизација на Косово.

– Имаме договор за нормализација– рече Курти, осврнувајќи се на договорот постигнат под покровителство на Европската Унија во 2023 година.

Тој додаде дека „договорот мора да се спроведе, а тоа подразбира меѓусебно признавање на двете земји, барем де факто признавање“.

Сепак, за да продолжи дијалогот, Србија, според Курти, „мора да го предаде Милан Радоичиќ“, Србин обвинет за организирање напад во северно Косово во 2023 година. Тој изрази надеж дека „ЕУ, Франција и Германија ќе извршат притисок“ врз Белград за тоа прашање.

Руското влијание, исто така, фрла сенка врз односите меѓу Косово и Србија која никогаш не ги прекинала врските со Москва и од која зависи во енергетскиот сектор.

Курти изјави дека „постојат многу врски меѓу двете земји“, додавајќи дека доколку Русија одлучи да го дестабилизира регионот, „на својот пат кон Западна Европа може да смета на Србија како сојузник, што е загрижувачки за нашата земја“.

Сепак, тој нагласи дека Косово работи со своите партнери за да го спречи такво сценарио.

ФОТО Косово доби најнапредни противтенковски системи од Германија

Косово, кое се надева дека ќе стане членка на НАТО, во последните месеци ги зајакнува и односите со Вашингтон, меѓу другото преку укинување на царините за американски производи и со согласност да прифати до 50 мигранти од трети земји што САД ги депортирале. Досега, пристигнал само еден мигрант.

– Не бараме никаква финансиска помош за возврат. Ова го правиме за да им помогнеме на САД, кои се наш партнер, сојузник и пријател, не исклучувајќи можност за слични договори и со европски земји – нагласи Курти.

Откако на парламентарните избори во февруари 2025 година не успеа да обезбеди доволно пратенички места за формирање влада, Албин Курти беше принуден да распише предвремени избори во неделата, по 10 месеци политички ќорсокак во кој поделениот парламент не успеа да формира коалиција.

– Ни треба убедлива победа. Во февруари освоивме 42,3 отсто, а овој пат сакаме да надминеме 50 отсто – изјави Курти.

Косово почна да прифаќа мигранти депортирани од САД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот