Курти: Путин му кажал на Вучиќ да го дестабилизира Косово

Фото: Архива на „Слободен печат“

Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека Србија предизвикува инциденти во северно Косово, затоа што е против планот што го предлагаат Франција и Германија за постигнување конечен договор меѓу Косово и Србија.

Обраќајќи им се на новинарите во косовската Влада, Курти рече дека последните инциденти во областите во северно Косово, населени со мнозинско српско население, немаат врска ниту со одлуката за промена на српските со косовски регистерски таблички, ниту пак со барањата за формирање заедница на општини со српско мнозинство во Косово.

Според косовскиот премиер, и саботната одлука на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) за напуштање на институциите, е резултат на координација на властите во Белград, предводени од претседателот Александар Вучиќ, со Русија и со нејзиниот претседател Владимир Путин, а нивен интерес, според Курти, е да се саботира косовско-српскиот дијалог.

„Не станува збор ниту за таблички, ниту за заедница… се работи само за спротивставување на Европа и на ЕУ. Оваа нивна координација со Кремлин и Путин, тие ја користа кон оние кои сé уште ги слушаат, а тоа се припадниците на криминалните структури (во северно Косово). Тоа што сега се случува најмногу се објаснува со напорите на Белград некако да го спакуваат противењето на француско-германскиот предлог“, рече Курти.

Потврда дека Белград делува според инструкции на Путин, но и на официјален Пекинг, рече Курти, се средбите што деновиве ги одржал српскиот претседател Вучиќ со амбасадорите на Русија и Кина во Србија.

Според косовскиот премиер, „Србија е заинтересирана да го саботира дијалогот и секаков вид на договор, а патот што го одбрала е заплашувањето на граѓаните”.

„Српските напори за дестабилизација нема да успеат, затоа што косовската држава е силна, демократска, со силен економски и општествен подем на секое поле и во секој поглед“, порача Курти.

СЛ, партија која е отворено поддржана и ги координира своите дејствија со Вучиќ и со владата во Белград, одлучи да ги повлече своите членови од институциите на Косово, поради, како што објавија, најавите од владата на Курти дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.

Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, кој исто така поднесе оставка од функцијата министер за заедници и враќање во владата на Курти, порача дека Србите ќе останат надвор од институциите сé додека не се повлече одлуката за табличките и не се формира заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово.

Неотповиклива оставка денеска поднесоа и десетте членови на пратеничката група на СЛ во Собранието на Косово, кои досега беа дел од коалицијата во владата на Курти, а претходно тоа го сторија и градоначалниците и советниците во четирите општини во северно Косово предводени од СЛ, како и Србите кои беа членови на косовската полиција, судиите, обвинителите и другите членови на државните и локалните институции во Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот