Курти: Ако телохранителот на Вучиќ, Радоичиќ, се предаде, ќе има фер судење на Косово
За да има нормализација на односите со Белград. бараме да го предадат главниот криминалец и терорист Милан Радоичиќ, кој, според нас, е во бегство, рече косовскиот премиер во оставка.
Косовскиот премиер во оставка, Аљбин Курти, денеска изјави дека за Косово, Милан Радоичиќ е „главниот криминалец и терорист во бегство“, додека, како што рече, Белград го третира како телохранител на претседателот на Србија.
Препорачано
Еден ден по неуспешниот обид за избор на нова влада во Приштина, Курти одржа прес-конференција, пренесува КоСсев.
Инаку, Радоичиќ е контроверзниот бизнисмен и бивш потпретседател на партијата Српска листа кој го организираше нападот во косовското село Бањска на 24 септември во 2023 година.
Конференцијата се одржа еден ден по неуспешниот обид за избор на владата „Курти “ во Собранието на Косово – осум месеци по изборите. Владата предложена од мандатарот Курти доби поддршка од 56 пратеници, што не е доволно за да формира мнозинство.
Курти рече дека по неуспехот во парламентот „нема друг начин освен нови избори“.
Зборувајќи на српски јазик, како одговор на новинарско прашање дали има план за дијалог со Белград, Курти рече дека е подготвен за нормализација на односите и дека со Белград „не постои само дијалог, туку и договори“.
„Нормализацијата на односите со Белград може да се постигне само преку спроведување на постојните договори од Брисел и од Охрид, но за жал, тоа не изгледа блиску“.
Условот пред примена на договорот за Курти е „екстрадицијата“ на Милан Радоичиќ.
„Но, во исто време, бараме Белград прво да го предаде главниот криминалец и терорист Милан Радоичиќ, кој, според нас, е во бегство. Тој стана еден вид телохранител на претседателот на Србија и не е сам, туку со своите 44 другари кои го убија косовскиот полицаец Африм Буњаку и кои треба да им се предадат на нашите власти, бидејќи на Косово ќе добијат покритие и фер судење. Косово е многу подемократска земја од Србија, тука имаме владеење на правото, а исто така и ЕУЛЕКС кој ги надгледува судските постапки“, додаде тој.
Курти оцени дека Србија, за жал, станува сè повеќе како втора Белорусија во Европа.
„Ако Кремљ ја има Белорусија на североисток, ја има, за жал, и Србија на југот на Европа“, додаде тој.


