Кумановските психијатри порачуваат граѓаните да водат грижа за менталното здравје во услови на пандемија

Расте бројот на лица од Куманово кои бараат помош за надминување на проблемите со менталното здравје предизвикани од пандемијата на КОВИД-19, велат од одделението за психијатрија од кумановската Општа болница. Куманово регистрира околу 900 заболени лица од почетокот на пандемијата и не е невообичаено да се зголеми бројот на лица кои страдаат од анксиозност, депресија и други психички проблеми. Психијатарката и психотерапевтка Адриана Богдановска Тоскиќ од одделението за психијатрија појаснува дека повеќе аспекти поврзани со актуелната пандемија придонесуваат да биде нарушена менталната благосостојба на луѓето.
– Се работи за реална закана од инфекција и развивање болест со можен и фатален исход. Ваквата закана предизвикува чувство на страв, неизвесност, па и паника. Вирусот е нов и непознат за медицината, беше нејасна неговата трансмисија, факторите кои ја усложнуваат клиничката слика, терапискиот пристап, што дополнително се рефлектира и врз перцепцијата на вирусот и заболувањето кај популацијата зголемувајќи и го чувството на загрозеност. Посебна категорија загрозени граѓани беа и се лицата позитивни на САРС-КоВ 19 и лицата заболени од КОВИД-19, како и нивните фамилии и блиски контакти. Кај нив стравот и неизвесноста се мултиплицирани, вели Богдановска Тоскиќ.
Искуството на психијатрите покажува дека кај поединци се исцрпува психолошката заштитна бариера и стравот се манифестира во соматизациони (срцебиење, потење, гушење, главоболка), панични и депресивни симптоми, што е резултат на зголеменото чувство на страв и загрозеност што доаѓа поради наметнатото однесување, кое, пак, има цел превенција на ширењето на вирусот, намалување на контактите, држење физичка дистанца, носење лична заштита, доаѓа до активирање и адаптирање на психолошките механизми на одбрана и одредени промени во когнитивно-бихејвиоралното функционирање.

– Има и зголемување на бројот на лица кои бараат психолошка, психотераписка и психијатриска помош и тоа токму поврзано со избивањето на пандемијата и адаптацијата на новонастанатите услови, додава Богдановска Тоскиќ. Таа потенцира дека секоја индивидуа има своја специфична карактерна структура и користи сопствен сет психолошки одбранбени механизми. Кај некои лица соочувањето со закана предизвикува преплавување со страв и кај нив се развиваат одредени опсесивни однесувања. Други лица, не можејќи да ја поднесат анксиозноста, го користат механизмот на негација. Некои луѓе му приоѓаат на проблемот со рационализација и изолација на афектот што може извесен период да остава впечаток на успешно справување со стравот.

Богдановска Тоскиќ препорачува пациентите да го структурираат денот, да остават време и за релаксација или хоби.

– Многу е важно да се одржат и воспоставенaта социјална поддршка и комуникација во изменети услови, но важно е да се споделат емотивните доживувања, стравови, да се поразговара со некој со кој се чувствуваме прифатено, релаксирано. Добро е да се помине време надвор на отворено, во природа, вели Богдановска Тоскиќ.

Пациентите во кумановската болница можат и телефонски да се консултираат со психијатарот, може и да користат онлајн начин да поразговараат со психијатарот, да побараат помош и советување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот