Кумановка незаконски побарала документ за нечие криминално досие — судот ѝ го дал без да ја провери
Откако судот ја издал потврдата од казнената евиденција, кумановката ја подигнала и ја употребила против човекот на чие име била издадена.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против 51-годишната Д.И. и 66-годишната М.Ќ., двете од Куманово, поради сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „несовесно работење во службата“.
Препорачано
Според информациите од полицијата, првопријавената поднела барање до Основниот суд во Куманово за издавање потврда од Казнената евиденција за друг човек, иако немала негова согласност, потпис или полномошно.
Барањето било примено во судот од второпријавената, која работи како самостоен судски референт во приемната писарница.
Од СВР Куманово велат дека службеничката поради невнимание и небрежност го примила барањето, без да побара документ за лична идентификација и без да провери дали подносителката има овластување да поднесе такво барање, со што дозволила негово заведување и понатамошно процесуирање.
Откако судот ја издал потврдата од казнената евиденција, првопријавената ја подигнала и ја употребила против лицето на чие име била издадена.
Против двете се поднесени соодветни кривични пријави, а случајот ќе го разгледуваат надлежните органи.


