Културниот центар „Битрикс“ во МКЦ ја одржа седмата „Битрикс танцова лига“

Прославувањето на десетгодишниот јубилеј на Културен центар „Битрикс“ почна со седмото издание на Интернационалниот танцов камп и фестивал „Битрикс танцова лига“, која под мото „Танц без граници“ на 16 и 17 октомври се одржа во МКЦ.

„Битрикс танцова лига“ е еден од најголемите фестивали на Балканот, кој веќе седум години се стреми да ја доближи уличната култура до јавноста, а со посебен фокус на танцовата уметност, притоа остварувајќи богата и разновидна програма за млади и етаблирани изведувачи.

Досега фестивалот бил домаќин на гости од САД, Англија, Холандија, Италија, Швајцарија, Грција, Естонија, Украина, Србија, Словенија, Бугарија, а во рамките на седмото издание се реализираа танцови работилници со гости предавачи од Франција, Србија и Грција, на кои учествуваа четириесет танчари од земјата.

Покрај танцовите работилници, фестивалот реализираше и програма достапна за пошироката јавност, каде оние што се љубители на уличната култура и уметност имаа можност да го почувствуваат духот на уличните танци.

На првиот фестивалски ден, на 16 октомври беше реализиран настанот „Млади кореографи“, кога од петте избрани кореографи Мила Стојановска, Надја Лукановска, Марко Марковиќ, Теодора Ковачка и Викторија Трајановска, кои се пријавија на отворен повик, судиите Милена Манева (Вајб), Панче Димов (Уан веј) и Стефани Пецалевска (Битрикс) одлучија наградата за најдобар млад кореограф да ја добие Марко Марковиќ.

Потоа се одржа омилениот настан за помладата публика „Битка во импровизација“, каде 17 танчари се натпреваруваа еден против друг според правила релевантни на хип-хоп и уличната култура.

На вториот фестивалски ден „Битрикс“ за првпат ја спроведе новата платформа, која ќе служи за афирмација на уметници во подем – „Современо-урбани кореографски минијатури“, каде свои минијатури одиграа предавачите од Србија, Грција и Ивана Балабанова од културниот центар „Битрикс“, а публиката го проследи и видеоперформансот на танчарот Орелиен Колвет од Франција. Таа вечер со свој перформанс се претставија и групите на неколку локални танцови студија, како „Аква“ – Скопје, „Уан веј“ – Струмица и танчарите на културниот центар „Битрикс“.

Посебен дел од вечерта беше танцовиот перформанс на седумнаесетте стипендисти на ВАДА – Виртуелна американска танцова академија. ВАДА е проект на културниот центар „Битрикс“, кој е поддржан од Амбасадата на САД во земјата и од ЕЦА – Биро за едукација и култура во САД. Програмата во првата фаза обезбеди квалитетна едукација од областа на уличните танци со реномирани предавачи од САД, но и едукативна програма за културен менаџмент.

Културниот центар „Битрикс“ е двигател на уличната танцова сцена кај нас и како таков постојано се залага за развој на истата и за креирање на контекст за афирмација и едукација на млади танчари и танчари, кои веќе се етаблирани во локалната и на интернационалната танцова сцена.

Седмата „Битрикс танцова лига“ се реализираше со поддршка од Град Скопје, Младинскиот културен центар и „Ред Бул Македонија“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот