Кучињата кои го усмртија детето во Пинтија се под надзор, АХВ истражува дали сопственикот го почитувал Законот

Смртта на осумгодишното дете од Скопје кое почина откако беше нападнато од две кучиња на соседот во населба Пинтија предизвика низа реакции во јавноста. Социјалните мрежи и дел од порталите беа преплавени со дезинформации и шпекулации, а надлежните апелираат јавноста да се воздржи од коментари додека не се реши случајот.

Според официјални информации од надлежните институции, на 11 април околу 18:25 часот ГОБ „Св. Наум Охридски“ пријавиле дека кај нив е донесен малолетник од Скопје, кој подлегнал на повредите како последица од напад од куче во сопственост на соседот Н. Г.

Директорот на градската болница, д-р Љубен Арсенков вели дека детето е примено без знаци на живот. Кучето го каснало на вратот, погодувајќи ја главната артерија.

Јавен обвинител извршил увид на местото на несреќата, а телото на осумгодишното дете е предадено на обдукција.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека соседот имал две кучиња од расата англиски мастиф, уредно идентификувани со микрочип и двете се изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар. Кучињата се на возраст од 12 и девет години. Дворот е соодветно заграден, а на влезот е поставен предупредувачки знак „Пази куче“.

Се истражува дали сопственикот го почитувал Законот за ветеринарно здравство

Агенцијата за храна и ветеринарство испитува дали сопственикот ги почитувал одредбите пропишани со Законот за ветеринарно здравство за идентификација и регистрација на животните и за здравствената заштита и благосостојба, односно дали се испочитувани условите пропишани во актуелната Годишна наредба за здравствена заштита на животните, условите за држење на кучињата од страна на сопственикот итн.

Како што налага Законот, кучињата треба да се стават под официјален надзор и во рок од 15 дена да се испита дали имаат беснило. Откако ќе заврши испитувањето се издава сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животните во однос на болеста.

По завршување на надзорот на беснило ќе се спроведе тест за социјализација на кучињата од страна на лица кои имаат овластување од Агенцијата за храна и ветеринарство. Потоа ќе се утврдуваат мерките во зависност од констатираната фактичка состојба, изјави директорот на АХВ, Николче Бабовски.

Силата на поголемите раси на кучиња може да резултира со смрт

Оваа раса на кучиња е карактеристична по тоа што се приврзани за семејството и не се агресивни по природа, но можат брзо да станат такви ако не се дресирани, социјализирани или не им се пријде соодветно. Поради нивната големина и тежина која достигнува и над 50 килограми тие се карактеризираат како една од најагресивните раси на кучиња.

Зоран Пешевски од Ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ за Фокус вчера изјави дека институциите мора да работат координирано и да го стават во ред чувањето на „опасни раси“ на кучиња.

Претседателот на Кинолошкиот сојуз Јордан Христовски вели дека двете кучиња се регистрирани во Сојузот и оти учествувале на изложби, што значи дека се социјализирани затоа што на изложби за убавина мора кучињата да бидат добро одгледани и социјализирани со други животни и со луѓе.

– Сочувство на фамилијата на детето за немилиот настан. Апелирам до јавноста да се воздржи од паушални коментари и да остават на надлежните институции да изработат детален извештај за причините под кои се случи настанот, вели Христовски.

Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ порачаа дека како здружение без дилема веднаш би поддржале забрана за увоз, продажба, подарување и размножување, како и чување од малолетни лица на секое животно кое има „физички“ предиспозиции да нанесе тешки телесни повреди или да загрози животот на друго битие.

– Нагласуваме физички предиспозиции бидејќи нашите искуства, искуствата на стручната фела, а и статистиките кажуваат дека најголемите, најсилните животни имаат најстабилен карактер, се најмирни, но нивната сила е огромна, па дури и со еден потег можат да би можеле да бидат кобни по човек или животно. Еден може да биде фатален, велат од Здружението.

Предлагаат и мандаторна стерилизација или забрана за размножување на сите кучиња, особено за ваква раса на кучиња.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот