Фото: Царинска управа / скриншот

Кучиња, донација од Кореја, откриваат кокаин на нашата граница — лани биле запленети стотици илјади евра, злато и цигари

Во извештајот на Царинската управа на Македонија за минатата година стои дека царинските службеници откриле 318.985 евра, значително повеќе од 173.125 евра во 2024 година. Овие бројки упатуваат на засилени обиди за нелегално изнесување или внесување на готовина преку границите

Рекордни количини запленета дрога, четирикратно зголемени количества цигари и значително повеќе откриени девизи ја одбележаа 2025 година, покажува Годишниот извештај на Царинската управа. Највпечатлив е растот кај заплената на наркотични и психотропни супстанции. Во текот на 2025 година биле запленети дури 318,48 килограми дрога, во споредба со само 41,26 килограми во 2024 година. Ова претставува повеќекратно зголемување и сериозен индикатор за засилени обиди за криумчарење преку македонските граници. Во извештајот се потенцира дека дел од овие резултати се должат на зајакнатите оперативни капацитети.

„Во Службата за мобилни тимови од декември 2025 година се ангажирани две дополнителни кучиња за детекција, донирани од Царинската служба на Кореја“, се наведува во документот.

Токму овие кучиња веќе придонеле за конкретни резултати. Во првиот месец по нивното ангажирање била реализирана акција во која било запленето поголемо количество кокаин, што ја потврдува нивната улога во откривање на сложени случаи на криумчарење.

Цигарите најшверцувани

Покрај дрогата, значително зголемување има и кај заплената на цигари. Во 2025 година биле запленети над 1,3 милиони парчиња, што е повеќе од четири пати во споредба со 300 илјади парчиња во 2024 година. Овој податок укажува на растечкиот црн пазар на тутунски производи и обидите за избегнување на акцизни давачки. Сличен тренд се забележува и кај девизите.

Фото: Царинска управа

Во текот на 2025 година царинските службеници откриле 318.985 евра, значително повеќе од 173.125 евра во 2024 година. Имало многу обиди за нелегално изнесување или внесување на готовина преку границите. И покрај тоа што кај златото е регистрирано намалување на вкупната запленета количина од 6.693 килограми во 2024 година на 3.773 килограми во 2025, бројот на случаи останува голем, а вредноста на поединечните заплени е исклучително висока.

Во 2025 спречен шверц на вкупно четири тони храна, информираат од Царинската управа

Меѓу најзначајните случаи се издвојува откривањето на 188 килограми марихуана на граничниот премин Богородица, транспортирана во товарно возило кое превезувало отпадна хартија. Дополнително, на Скопскиот аеродром бил откриен златен накит со вредност од речиси 30 милиони денари, што претставува една од највредните поединечни заплени во годината. Царинските службеници откриле и бројни други случаи: брендирани чанти вредни над 2,2 милиони денари, големи количества лекови и стероиди, парфеми, индустриски материјали, како и хемикалии и тутун. Во повеќе одделни случаи биле запленети и златни и сребрени монети, накит и индустриски метали, што укажува на разновидноста на стоката за која има обиди нелегално да се транспортира.

Зголемената активност е видлива и во вкупниот број на заплени. Одделението за оперативни работи евидентирало 271 заплена во 2025 година, во споредба со 193 во 2024 година. Раст има и кај кривичните дела, како и кај прекршоците, што дополнително ја нагласува динамиката на терен. Паралелно со ова, расте и бројот на контроли. Во текот на годината биле спроведени 47.195 контроли во патничкиот промет. Од нив, неправилности биле утврдени во 2.042 случаи, што претставува 4,33 проценти. Овој процент можеби изгледа мал, но загрижува фактот што бројот на откриени неправилности е зголемен за дури 85,13 проценти во однос на претходната година.

-Во 2025 година од вкупно спроведените 47.195 контроли, утврдени се неправилности во 2.042 случаи – се наведува во извештајот.

Зголемувањето се одразува и во санкциите. Бројот на мандатни казни е повеќе од двојно зголемен – од 676 на 1.452. Царинските прекршоци пораснале од 325 на 442, додека кривичните пријави речиси се удвоиле, достигнувајќи 67 случаи. Вкупно, во 2025 година биле поднесени 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица. Најголем дел од нив се однесуваат на фалсификување исправи, криумчарење и царинска измама, што укажува на широк спектар на незаконски активности.

Истражните контроли откриле и комплексни шеми на измама, вклучително и погрешно тарифирање и непријавен увоз со цел избегнување на давачки во вредност од неколку милиони денари. Интересно е што, за разлика од другите категории, бројот на откриени илегални мигранти е намален – од 66 во 2024 година на 37 во 2025 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот