КСЗД уврди дека епископот Јаков Стобиски има извршено дискриминација и треба да ѝ се извини на ЛГБТИ заедницата

Фото: Фејсбук / Колаж: Слободен печат

Епископот Јаков Стобиски има извршено дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавното информирање и медиуми, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Коалицијата МАРГИНИ и КВИР Центарот, кои ги поднесоа претставките побараа јавно извинување, во спротивно Комисијата ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Водејќи се од наодите на претставките, како и произнесениот одговор на Јаков Стобиски по однос на нив, Комисијата увиде исполнување на дефиницијата на вознемирување содржана во член 10, став 1, од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тие константираа дека „преку своите јавни настапи изминатиот период, меѓу кои гостувањето на емисијата Детектор на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица, Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето. Тој го искажал својот став кон трансродовите лица преку стереотипи, опишувајќи ги како лица кои страдаат од ментално растројство, нагласувајќи ја на тој начин стереотипната и штетна слика за нив и нивната позиција во општеството, велат од МАРГИНИ.

Иако Стобиски има право јавно да ги искаже своите ставови и мислења, КСЗД нотира дека не смее да се охрабрува и поттикнува диксриминација кон одредена група луѓе. Во објаснувањето на Мислењето стои дека предвид е земен „фактот што Јаков Стобиски е свештено лице, кое може да влијае на јавноста со своите ставови и авторитети, поради што има дополнителна одговорност да не поттикнува дискриминација и да не повредува нечие достоинство со неговите изјави и ставови“.

Во претставката од Коалиција МАРГИНИ се вели дека:

„Јаков Стобиски изминатиот период е гласноговорник на анти-родовото движење. Од неговиот говор на трибина во Струмица организирана од религиската фондација Елеуса, до повеќе настапи на телевизија и колумни, тој континуирано шири трансфобија, анти-ЛГБТИ и анти-родова реторика. Аргументите со кои се служи и говорот кој го користи во многу наврати излегува од дозволеното во рамки на слободата за изразување, т.е. претставува говор на омраза или вознемирување врз основа на род и родов идентитет. Во неговите говори особено напаѓана и критикувана е Коалиција Маргини и Ирена Цветковиќ, како извршна директорка. Во оваа претставка не ја осопуваме критиката кон нас, Законот за родова еднаквост, Законот за матична евиденција туку говорот на омраза или вознемирувањето кое го употребува во своите настапи. Во своите настапи тој зборува за трансродовите луѓе и за нас како застапници за родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето како за штетни за општеството, семејството и децата, како болни, сатанисти, посланици на ѓаволот и сл. Со ваквиот говор тој врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација и родов идентитет, нѐ дехуманира нас како здружение, Ирена Цветковиќ и трансродовите луѓе.“

Комисијата препорача Јаков Стобиски да се извини за говорот при неговите јавни настапи со кои е извршено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и тоа во рок од 30 дена од приемот на Мислењето, за тоа писмено известувајќи ја Комисијата, во спротивно на што таа ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред наслежен суд за прекршоци.

Исто така, се препорачува Стобиски во иднина да се воздржува од јавни настапи со вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или која било друга дискриминаторска основа, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот