Крвави ранци, тела и книги под урнатините: Нападот на училиште во Иран уби десетици девојчиња на возраст од 7 до 12 години
Густ црн чад се издига над пастелните мурали од дрвја, четки, боички и микроскопи. Прозорците беа разнесени од силата на експлозијата, а завесите беа искинати од рамките. Остатоците од детското игралиште се расфрлани по изгорениот ѕид – црвена пластична лизгалка и превртени мали столчиња. Розовите пластични сандали, сега покриени со прашина и урнатини, беа уредно оставени на срушената полица, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Ракетите погодија за време на утринските часови. Во Иран, учебната недела трае од сабота до четврток, па околу 10 часот, кога започнаа американско-израелските напади, наставата беше во тек. Помеѓу 10 и 10:45 часот наутро, проектил директно го погоди основното училиште „Шаџарех Тајебех“ во Минаб, јужен Иран, срамнувајќи ја бетонската зграда и убивајќи десетици девојчиња на возраст меѓу седум и 12 години.
Според иранските државни медиуми, во нападот загинале до 168 лица, а 95 се повредени, но овие бројки не се независно потврдени. Поради ограничен пристап до информации и чести прекини на интернет, реконструкцијата на настаните се потпира на потврдени видео снимки, сателитски снимки и интервјуа со сведоци.
Видеата ги прикажуваат телата на децата делумно закопани под урнатините, крвави ранци и паника меѓу преживеаните. Еден човек стои меѓу урнатините, ги зема учебниците и извикува дека „ова се книгите на децата што се под овие урнатини“, нагласувајќи дека тие се цивили кои дошле на училиште да учат.
Училиштето се наоѓа веднаш до комплекс поврзан со Иранската револуционерна гарда (IRGC), вклучувајќи медицинска клиника и објекти што носат ознаки на организацијата. Сепак, нема индикации дека самото училиште имало воена функција. Зградата на училницата и игралиштето биле оградени од остатокот од комплексот, а училиштето го посетувале деца од локалната заедница, вклучувајќи семејства кои не можеле да си дозволат поскапи приватни училишта.
Американската војска соопшти дека „истражува наводи за цивилни жртви“, додека државниот секретар Марко Рубио изјави дека САД „нема намерно да таргетираат училиште“ и дека инцидентот ќе биде предмет на истрага доколку се потврди дека станува збор за американски напад.
Иранските власти издадоа наредба за затворање на училиштата кратко по почетокот на нападот во 9:40 часот наутро, но според претставниците на синдикатите на наставниците, интервалот помеѓу предупредувањето и експлозијата бил многу краток, а родителите не дошле да ги земат своите деца.
Локалните власти велат дека меѓу жртвите има ученички, наставници и родители. Поради големиот број мртви, телата наводно биле сместени во ладилници бидејќи капацитетот на мртовечницата не бил доволен.
УНЕСКО го опиша нападот како „тешко кршење на меѓународното хуманитарно право“, повикувајќи ги сите страни да ги заштитат училиштата, учениците и наставниците.
Војната против Иран веќе предизвика голем број цивилни жртви. Иранската Црвена полумесечина соопшти дека најмалку 555 лица се убиени низ целата земја, додека организациите за човекови права ја зголемуваат бројката.
За Минаб, мал град покрај Оманското Море, каде што земјоделството и одгледувањето урми се главни активности, загубата на толку многу девојки е трагедија што ќе ги обележи генерациите.


