Кривична пријава против ексградоначалник на Демир Капија: Осомничен е дека довел до загадување на бунарот во Прждево и дека загрозил 120 селани
Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на Демир Капија, поранешен директор на ЈП „Бошава“ и против општина Демир Капија, поради сомнение за кривично дело „загадување на животната средина и природата“. Според обвинителството, во периодот од јуни до октомври 2025 година, осомничените дозволиле поставување несоодветна електрична и водоводна инсталација на бунар за вода за пиење во селото Прждево, без соодветна документација за техничка исправност на бунарот.
Поднесена е кривична пријава против поранешен градоначалник на Демир Капија, општина Демир Капија и против поранешен директор на Јавното претпријатие за комунални работи „Бошава“ за „загадување на животната средина и природата“, а се сомничат дека довеле до контаминација на водата за пиење која била закана по здравјето на околу 120 жители на селото Прждево.
Препорачано
„ОВР Неготино, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против Л.П.(42) од Демир Капија, П.Ј.(50) од Неготино, против општина Демир Капија и јавно претпријатие за комунални работи „Бошава“ од Демир Капија поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело ‘загадување на животната средина и природата’ по член 218 од Кривичниот законик. Во периодот од јуни до октомври 2025 година, Л.П. во својство на поранешен градоначалник на општина Демир Капија и П.Ј., во својство на поранешен директор на јавното претпријатие за комунални работи ‘Бошава’, овозможиле инсталирање на несоодветна електрична и водоводна мрежа на претходно избушен бунар за вода за пиење во село Прждево, Демиркаписко, без да поседуваат документација за техничка исправност на бунарот,“ соопшти полицијата.
Во наведениот период во повеќе наврати овозможиле дотур на водата до резервоарот за вода за пиење, се додава во соопштението, и со тоа ги занемариле законските обврски и дозволиле бунарот да биде слободно достапен на жителите на село Прждево, со што придонеле за настанување на состојба на контаминација на водата за пиење, која била закана по здравјето на околу 120 жители на селото.


