Критички филмски гест на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско #9“

Деветтото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ се одржува од 10 до 16 јуни, додека филмската програма на фестивалот ќе биде прикажана на 12 јуни, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје.

Филмската програма на „Прво па женско #9“ е со наслов „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“. Кураторка на програмата, која содржи три кратки филмови и еден филмски перформанс, е Кумјана Новакова, која истакнува: „Ова не е фиксна фестивалска филмска програма, туку критички феминистички филмски гест. Критичкиот феминизам е интерсекционална политичка филозофија посветена на уривањето на хетеронормативниот, расистичкиот, капиталистичкиот патријархат. Од почетната точка – преку насловот на програмата – со Дона Харавеј, ја следиме екофеминистичката политичка позиција, во овој гест којшто се фокусира на различното толкување на заедничкото и на она што го делиме низ историјата, во архивските слики и феминистичките историографии“.

Филмската програма ќе почне со три кратки филмови. Филмот „Камерадин“ (Србија / 2018 / 7’) на уметничкото дуо „Доплгенгер“ од Белград, составено од Исидора Илиќ и Бошко Простран, содржи архивски снимки од југословенското филмско творештво, а филмот почнува со зборовите на Милена Дравиќ во филмот „Вилхелм Рајх: мистериите на организмот“ на Душан Макавејев.

„Причина на смрт“ од Џиоти Мистри

Потоа следува краткиот филм кој говори за распарченото искуство на една жена и нејзиното скршено тело како резултат на патријархалното влијание кое го осознава авторката Џиоти Мистри со „Причина за смрт“ (Јужна Африка, Австрија / 2020 / 20’). Женските тела се постојано изложени на ризик. Обдукциските извештаи секогаш ја наведуваат причината за смрт, меѓутоа чисто како физичка активност, притоа изоставувајќи ги структурните и повторувачки насилства врз женските тела, чиј резултат се фемицидите.

„Растение (879 страници, 33 денови)“ на авторката Рут Холфлик

Следниот краток филм е на авторката Рут Холфлик, насловен „Растение (879 страници, 33 денови)“ (Австралија / 2020 / 15’). Филмот открива разговор помеѓу мајка и ќерка во кој се опфатени историски факти за судењето, како и личните, но и врските на нивните предци со местото каде што во 80-тите години на минатиот век во семејните архиви на една фамилија од југозападна Германија е пронајден записник од судење на една вештерка.

Последниот филм на програмата, всушност, е своевиден филмски перформанс со наслов „Земја Женска“ (САД / 2017-21 / 62’) на авторката Кортни Стивенс, која ќе биде присутна и ќе ја води публиката низ чудесниот етнографски запис на т.н. „домашни патописи“ – аматерски филмови снимени од жени во периодот помеѓу 1920 – 1940 години. Жените во филмот преку своите визуелни автобиографии го претставуваат светот низ очите на првите жени кинематографки, истовремено отворајќи прашања за политиката на погледот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот