Фото: Приватна архива

Креативно студио со „Модерн пуч“: Првите марами за миленици ги направив за моето куче Лола

„Секоја нова колекција е можност да експериментирам со различни ткаенини, бои и дезени за да создадам нешто уникатно и убаво за милениците“, вели Наташа.

Во денешно време милениците се рамноправен дел од семејствата, а љубовта кон нив, сопствениците ја изразуваат во најразлични форми. Покрај грижата за нивното здравје и удобноста што ја добиваат во домовите, сѐ почесто крзнените пријатели ги дотеруваме и со модни додатоци.

Инспирирана од своето куче Лола, креативната економистка Наташа Наумовска започнала да изработува уникатни модни додатоци за миленици.

Преку рачно изработените марами, машни и други модни додатоци, таа своето хоби го претворила во мал бизнис, наречен „Модерн пуч“, кој ги истакнува стилот и индивидуалноста на миленичињата.

Наташа, што ве инспирираше да почнете да изработувате модни додатоци за миленичиња?

– Мојата најголема инспирација е моето куче Лола. Отсекогаш сум имала желба да ја дотерувам и да носи убави модни додатоци, но не успевав да најдам нешто што навистина ми се допаѓа. Бидејќи сакам и особено ценам рачна изработка, така постепено се роди идејата за „Модерн пуч“.

Раскажете ни како започна приказната на „Модерн пуч“?

– Нашата приказна започна сосема спонтано. Најпрво решив сама да изработам марами со различни принтови само за Лола. Со текот на времето љубителите на миленици околу мене почнаа да ги забележуваат и да прашуваат од каде се, па така идејата прерасна во мал бизнис каде што денеска изработуваме рачно направени тематски марами, машни и приврзоци за миленици.

Фото: Приватна архива

Во вашиот асортиман имате различни дизајни на модни додатоци за миленичиња. Колку работата ви дозволува да ја искажете вашата креативност? И дали прифаќате сугестии од сопствениците на миленичињата?

– Секоја нова колекција е можност да експериментирам со различни ткаенини, бои и дезени за да создадам нешто уникатно и убаво за милениците. За сугестии сме секогаш отворени и баш ни е драго кога сопствениците споделуваат свои идеи или желби бидејќи многу често така и ја добиваме инспирацијата за нов модел.

Многу често и да не го најдат кај нас тоа што го замислиле, секако излегуваме во пресрет и изработуваме рачно изработена марама по желба. Од овој тип доста актуелни се марамите за роденден на миленикот, свадба на сопствениците или едноставно со натпис „Наскоро ќе бидам постара сестра/брат“ / (Soon to be big sister/brother).

Фото: Приватна архива

Раскажете ни како изгледа процесот на создавање една марама за милениче и кои материјали ги користите.

– Првиот чекор на процесот започнува со избор на материјал и негов принт. Ова само по себе одзема и најмногу време, бидејќи внимавам боите и дезените да бидат интересни и соодветни за миленичиња, но и да се вклопуваат со целата тематска колекција.

Потоа материјалот се крои според големината на миленичето, по што се шие и се доработува рачно. Доколку станува збор за марама со принт или вез на неа тоа дополнително бара од мене соработка со други креативни студија што можат да го изработат тој дел. Секако процесот на изработка на ваквиот вид марами бара неколку месеци однапред планирање/цртање/избор на фонт/боја на конец итн.

Најчесто користам памучни материјали, бидејќи се меки, издржливи и пријатни за милениците, а истовремено памукот е и најбаран од сопствениците на миленици.

Фото: Приватна архива

Дали имате некоја изработка со која особено се гордеете? И кој дизајн ви одземал најмногу време при создавањето?

– Една од изработките со која особено се гордеам е марамата во форма на кошула со пеперутка машна. Таа уште од самиот старт стана омилена и најпродавана, но истовремено е и моделот што одзема најмногу време при шиење, бидејќи голем дел од деталите ги изработувам рачно и самиот процес на изработка за овој модел вклучува дополнителни чекори.

Фото: Приватна архива

Кој е вашиот совет до младите креативци кои имаат талент, но немаат доволно храброст да започнат свој бизнис?

– Мојот совет до младите креативци е да започнат полека со мали чекори и да веруваат во својот талент. Стравот е нормален, но често најтешкиот дел е првиот чекор. Кога ќе ја следите вашата страст и ќе вложите љубов во она што го правите, резултатите ќе дојдат сами постепено, а секој мал успех ќе ви даде уште повеќе храброст да продолжите напред.

Наташа ќе им подари рачни изработки од нејзиниот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.
Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот