Фото: Приватна архива

Креативно студио со „Фабјулес флејм“: Секоја свеќа ја изработувам од природен и неканцероген восок од соја

„Кога станува збор за правење свеќи што се безбедни за употреба, важно е да ја знаеме точката на топење на восокот за да можеме да додадеме мириси и бои во вистинско време и да знаеме кога треба да се излие восокот во одредениот калап или сад“, вели Поликсена.

Внатрешното уредување секогаш е предизвик за оние со префинет стил и чувство за естетика. Деталите, какви што се декоративните свеќи, му даваат посебен шарм и убавина на секое катче од домот.

При изработката на декоративните свеќи фокусот е ставен на нивниот интересен дизајн и специфичен мирис со кои го привлекуваат вниманието на потрошувачот.

Поттикната од желбата за минималистички декор, Поликсена Колева, која по професија е медицинско лице, започнува да изработува природни декоративни свеќи, пред сѐ, како хоби, кое подоцна прераснува и во мал бизнис „Фабјулес флејм“ (Fabulous Flame).

Поликсена, како дојдовте до идејата да почнете да изработувате декоративни свеќи?

– Сосема случајно и спонтано. Секогаш сум била љубител на минималистички декор и миризливи свеќи. За време на пандемијата имав доволно време да експериментирам и да создадам уникатен и рачно изработен декор, а кога нешто бараш – го добиваш, па така дојде и идејата за изработка на иновативни свеќи.

Фото: Приватна архива

Во Вашиот асортиман има најразлични и уникатни форми на декоративни свеќи. Каде наоѓате инспирација за нивната изработка и дали прифаќате сугестии од клиентите?

– Како што напоменав, ги сакам малите детали бидејќи за мене тие ја прават разликата. Секоја свеќа во нашата колекција е уметничко дело само по себе, од класични до сложени облици, нудиме различни опции за да одговараат на секој стил. Инспирација црпам од моето секојдневие, историски настани, личности и значајни пригоди во нашите животи. Секогаш сум отворена за сугестии и се трудам да ги задоволам желбите и потребите на моите клиенти.

Фото: Приватна архива

Како изгледа процесот на изработка и колку време Ви е потребно да ги изработите декоративните свеќи?

– Правењето свеќи е креативно и терапевтско хоби, кое се состои од неколку етапи.
Кога станува збор за правење свеќи што се безбедни за употреба, важно е да ја знаеме точката на топење на восокот за да можеме да додадеме мириси и бои во вистинско време и да знаеме кога треба да се излие восокот во одредениот калап или сад. Изладувањето и зацврстувањето кај секоја свеќа е различно, сѐ во зависност од тоа која е големината на изработената свеќа, па може да трае од два па сѐ до осум часа. Потребно е три до четири денови минимум свеќата да отстои за восокот и мирисот да се врзат еден со друг и со тоа добиваме повпечатлив и појак мирис.

Фото: Приватна архива

Велите дека Вашите декоративни свеќи се нетоксични. Кажете ни по што се разликуваат од другите и што содржат?

– Секоја свеќа ја изработуваме со природен соја восок и природни миризливи масла. Соја восокот се смета за обновлив ресурс кој е биоразградлив, нетоксичен и неканцероген. Сојата се одгледува без пестициди или хербициди, што ја прави еколошки избор. Свеќите од соја восок се исто така погодни за веганите, бидејќи не содржат никакви животински производи.
Свеќите од соја восок горат почисто и подолго од свеќите со парафински восок. Тие не произведуваат саѓи или чад што може да предизвика респираторни проблеми, испуштаат помалку јаглерод диоксид и помалку токсини во воздухот, што ги прави поздрава опција за вас и за околината.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас и каков е интересот на луѓето токму за Вашите производи?

– Искрено на почетокот бев многу скептична како сето тоа ќе биде прифатено од околината, но морам да признаам дека реакцијата беше доста позитивна како и заинтересираноста, со што можам да кажам дека рачните изработки се доста ценети од луѓе што препознаваат и прават разлика помеѓу рачна и машинска изработка.
„Фабјулeс флејм“ е веќе изграден бренд бидејќи луѓето ја препознаваат нашата уникатност и интересот за нашите свеќи сѐ повеќе и повеќе се зголемува.

Фото: Приватна архива

Кој е Вашиот совет до сите млади креативци што се занимаваат со креативна работа?

– Бидете упорни и никогаш не се откажувајте од вашите идеи и замисли. Сѐ што можеме да замислиме, можеме и да го реализираме.

Фото: Приватна архива

Поликсена ќе им подари декоративни свеќи од својот асортиман на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот