Креации инспирирани од раскошот на природата ќе бидат претставени на изложбата „Мунлајт“

Модната дизајнерка Александра Вељановска ќе претстави дел од новата колекција и ќе презентира дел од нејзиното творештво од повеќе фази на изложбата со наслов „Мунлајт“ (Moon Light). Изложбата ќе се одржи на 8 јуни, од 13 до 21 часот, на Зелениот покрив на објектот ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.
Александра Вељановска е родена во Скопје. Дипломирала на Европски универзитет во Скопје на Факултетот за арт и дизајн, отсек – моден дизајн во класата на проф. д-р Јана Манева Чупоска. Досега реализирала учество во дваесетина групни и исто толку самостојни изложби.
Со своите модни креации таа е застапена на бројни модни ревии, на саемите на мода, на „Скопје Креатива“, но и во бројни перформанси, како и во групни тематски и мултимедијални изложби во Галерија „Ко-Ра“.
На самостојната изложба „Мунлајт“ Александра Вељановска ќе се претстави со избор дела од областа на применетата уметност и дизајнот на облека и накит, како и со разнородни акцесоари и декоративни украсни елементи. Таа е инспирирана од егзотичноста на природата, од магичниот свет на флората и фауната, од месечевата светлина, од егзотичните птици и сиот раскош и магија која потекнува од природата.
По повод изложбата дизајнерката Александра Вељановска истакна: „Ова се дел од моите дела, дизајнот како и изработката се мои. Во секое дело се гледа мојот стил и чувство за естетика. Покрај тоа што работам разни стилови, од футуризам до винтиџ парчиња на накит, ова е прва изложба на која се претставувам и со облека.“