Ковид-голготи: Татко ми се гуши, брза помош не доаѓа од 8 сабајле, во болница не го примаат!

Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Елизабета Трајковиќ од Скопје, од 8 часот изутринава чека брза помош да дојде во нејзиниот дом во Маџари, за да го однесе нејзиниот татко во болница. Нејзиниот татко освен Ковид 19 има и шеќерна болест и стент, се гуши, а ситуацијата особено се влошува за овој 64 годишен човек, затоа што добива и панични напади бидејќи не може да земе здив. 

Веќе осум дена е позитивен на Ковид 19, пиеше Сумамед. Од вчера наваму не може да дише, не може да станува, почна да врши нужда во кревет. Јас сум сама не можам да кренам човек од 110 килограми. Матичниот лекар викна брза помош чекам од 8 сабајле да дојде брзата помош. Немало место во болниците. Од брза помош немало да дојдат додека не добијат потврда дека некоја болница ќе го хоспитализира. И вртеше матичната во сите болници и никаде не го примаат. После два часа молење рекоа демек ќе дојде брзата помош, ама уште ги нема. Треба да одам со нив во ГОБ 8 Септември да молам да го примат. Додека да дојдат лекарите ќе завршам на психијатрија, ни рече вознемирената жена.

Во болниците „тепачка“ за кревет, за тестирање се чека со денови

Пациентите на кои што состојбата им се влошува и почнуваат да добиваат сериозни компликации и потешка клиничка слика поминуваат вистинска голгота додека да се сместат во болница и губат драгоцено време. Ако се дојде до потреба од респиратор во Скопје, буквално нема каде пациентот да се смести додека не се ослободи легло. Единственото чаре е приватна болница, а таму цените се солени, дури 12.000 евра за десетдневен третман.

Михаило Донев од Скопје, чиј татко е на респиратор во приватна клиника, вели дека лекувањето за татко му кое чини 12.000 евра ќе заврши во петок, а после тоа за секој следен ден ќе треба дополнително да плаќа. На државно респиратор не може да најдат.

Во Инфективната клиника нема место, во 8 Септември нема место и во Козле нема место. Бараме, чекаме, ни рече Донев.

Државата нема абер да покрива дел од трошоците за лекување на приватно

Читателка на Слободен печат чие цело семејство е заболено од Ковид 19, имала сериозни проблеми ноќеска нејзиниот болен татко со еден куп коморбидитети да биде примен во болница.

Дојде брзата помош. Ни рекоа, да најдеме сигурно обезбеден кревет во болница. Замислете. И го однесоа во ТБЦ во Скопје, не сакаа да го примат, додека сопругот не отиде таму да се расправа. Инаку од брзата помош ми се пожалија дека и по 4 часа чекаат во ред со болничкото возило пред болница, зашто не им ги примаат пациентите без најава, зашто немало место. На крајот го примија со многу расправии и стресови, раскажува вознемирената скопјанка чиј брат е на кислородна поддршка на Инфективната клиника.

Изгор скапо е да се лекувате од ковид-19 дома!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот