Ковачевски: Го замолив Сали да размисли дали може да го продолжи својот мандат, можевме да направиме повеќе да го продолжиме животот на Благојче

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека утрово  во телефонски разговор со министерот за здравство, Беким Сали го замолил да размисли дали може да го продолжи својот мандат и истакна смртта на Благојче Илијевски е прерана, а можеле да направат повеќе за да му го продолжат животот.

Прашањето е зошто не направивме? Зошто толку се одложи се дури и откако ветивме, па дури и откако правните и експертските тимови седнаа заедно да најдат решение. Ќе ви кажам најотворено тоа е нешто што веројатно секој од вас го мисли, но нема можност да го каже, а веројатно и најголем дел од граѓаните го мислат, јас го мислам и имам можност да го кажам, „Тоа е поради истите причини од кои нашата земја пати веќе триесет години, комплицирана и неверојатна бирократија. Бирократија која стартно размислува зошто нешто не може да се направи, бирократија која скоро никогаш не размислува зошто нешто треба да се направи, бирократија која очигледно нема ништо против да почека додека граѓаните страдаат, но бирократија не се некои луѓе од друга планета, бирократија сме сите ние и редно време е да се соочиме со тоа. Така функционира нашата држава, односно не функционира. Сакам тука пред сите да ви кажам дека утрово разговарав со Сали и му кажав дека за мене оваа ситуација е апсолутно неприфатлива, зборував и со директорот на Фондот за здравство и со министерот за финансии, изјави премиерот.

Посочи дека на негова иницијатива и заложба, управниот одбор на Фондот за здравство денеска одржал седница за пренамена на буџетските средства, а ангажирани се и МАЛМЕД веднаш да го регистрираат лекот, додека Бирото за јавни набавки има задача да ги обезбеди сите документи за интервентен увоз на овој лек што го произведува еден производител.

Не може да чекаат на бесконечни тендери кога се работи за лек што го произведува еден производител. За ова да се спроведе сега јас лично ќе се заложам бидејќи нема време за чекање, реагираше премиерот.

Најави дека денеска ќе оствари средба со Асоцијацијата за цистична фиброза и ќе им ги соопшти точните мерки што ќе бидат преземени.

Следува системско решение со цел веќе да не мора да се грижат дали лекот ќе го има во Клиниките каде што се лекуваат. Тоа значи дека правните и експертски тимови пак ќе седнат заедно денес за да го средат и нема да станат додека не го сменат делот со менувањето на законите, бидејќи државите од регионот ги имаат сменето законите, а не да се оди на тендери. Откако ќе се смени Законот, верувам дека ќе имаме долгорочно решение за ова прашање и ќе им го обезбедиме лекот и на останатите пациенти, додаде Ковачевски.

Заклучи дека смртта е нешто што е неизбежно и надвор од наша контрола, но државата мора да преземе поголема одговорност за да го спречи непотребното страдање на кој било граѓанин во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот