Костески: Подготвени сме за Европското првенство, се надевам на позитивни резултати во Хернинг
По две победи и едно реми на „Жолтиот куп“ во Швајцарија, најдобрата македонска сениорска ракометна репрезентација славеше во последниот пријателски натпревар пред почетокот на Европското првенство 2026 во Хернинг.
Препорачано
Избраниците на Кирил Лазаров денеска го победија данскиот клуб Митјиланд со конечен резултат 36:27 (14:13).
Македонскиот селектор им даде шанса на сите ракометари, а тие одговорија со добра игра, значително подобра во второто полувреме.
Во таков развој на настаните, избраниците на селекторот Кирил Лазаров на крајот забележаа висока победа.
– Ова беше последниот контролен натпревар пред Европското првенство. Мислам дека успеавме сè да опфатиме и добро да се подготвиме за сите натпревари кои ни претстојат на Европското првенство од групната фаза. Функциониравме добро, иако беше малку тешко затоа што се насобраа доста контролни натпревари, но одигравме добро до самиот крај на овој меч. Направивме добра разлика и мислам дека сме максимално подготвени за предизвиците што ни следат – рече македонскиот репрезентативец, Ненад Костески по мечот со Митјиланд.
Во првото коло, Македонија во групата Б од прелиминарната фаза на ЕП ќе се сретне со домаќинот Данска во петок (16 јануари) со почеток од 20.30 часот. Во оваа група се и Португалија и Романија, а првопласираните две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза на континенталниот шампионат.
– Станува збор за сериозна група, да не трошиме зборови, сите знаеме за какви квалитетни репрезентации станува збор. Тука е Данска, па Португалија која на претходното Светско првенство заврши на четвртото место. Тука е и Романија која никако не смее да се потцени и е во нагорна линија. Мислам дека ќе ги дочекаме сите тие натпревари подготвени, ќе одиграме најдобро што знаеме, ќе го дадеме нашето најдобро и се надевам на позитивни резултати на сите тие три натпревари и дека ќе ја израдуваме цела Македонија, зошто да не веруваме и во пласман во следната фаза на ЕП – вели десното крило.


