Прес на Дарко Костадиновски- претседател на уставен суд / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Костадиновски: Никој не сака да го укине или да ја намали употребата на албанскиот јазик

Уставниот суд постои за да помогне во уставно-загарантираните права дали се јазични, дали се соодветна правична застапеност, да бидат заштитени а не да ги укине. Тие се уставна категорија така што не ги прифаќам никако тие квалификации.

Тврдењата дека некој сака да го укине или да ја намали употребата на албанскиот јазик се неточни, дециден е претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и потенцира дека неосновано се создаваат стравови и политички тензии за ова прашање.
Тој во интервју за емисијата „Со факти“ на МРТ 1 се осврна на актуелните теми поврзани со одлуките на Судот, позицијата на судската власт, Законот за употреба на јазиците, Колективниот договор за култура, уставната тужба и реформите неопходни за зајакнување на институцијата.

– Сакам да упатам еден апел бидејќи гледам премногу се манипулира со ова прашање. Никој нема да го чепне албанскиот јазик. Уставниот суд постои за да помогне во уставно-загарантираните права дали се јазични, дали се соодветна правична застапеност, да бидат заштитени а не да ги укине. Тие се уставна категорија така што не ги прифаќам никако тие квалификации дека некој сака да го укине, да ја намали употребата или да го загрози албанскиот јазик. Апсолутно се неточни – рече Костадиновски.

Тој додаде дека одлуките на Судот ќе ја олеснат практичната примена на правата.

-Нашите одлуки можат само да ја олеснат примената на албанскиот јазик, така што нашите сограѓани Албанци да бидат спокојни – никој нема да го чепне јазикот – рече претседателот на Уставниот суд.

Костадиновски потенцира и дека мислењето на Венецијанската комисија не треба да се толкува селективно, бидејќи содржи и пофалби, но и забелешки.

– Прво Венецијанската комисија кажува за разлика од Законот од 2008 година. Овој закон од 2018 година значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и Венецијанската комисија вели дека тоа е за пофалба, дури и се поздравува волјата на властите во Македонија за унапредување на јазикот на заедниците, и тоа навистина е за пофалба, но Венецијанската комисија вели дека со одредени одредби во одредени области се оди предалеку – рече тој.

Костадиновски повтори дека Уставниот суд прво ќе одржи подготвителн седница за Законот за употреба на јазиците и дека предметот за Законот ќе биде на дневен ред по комплетирањето на составот на Судот, бидејќи заклучокот е дека за сензитивни прашања како што е ова Уставниот суд решава во полн состав.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот