Косовската влада го усвои предлогот за формирање на Координативна група за членство во Советот на Европа
Владата на Косово ја усвои Предлог-одлуката за формирање на Координативна група за членство на Косово во меѓународната организација Совет на Европа, пренесува Економија онлајн. Министерката за надворешни работи Доника Гервала рече дека групата ќе работи и ќе развива комуникација и меѓуинституционална соработка во врска со членството на Косово во Советот на Европа.
Препорачано
„Нашата апликација за полноправно членство во Советот на Европа беше поднесена во мај минатата година, а неполна година подоцна ја поминавме првата фаза, која беше фокусирана на дипломатијата, за да може нашето барање да стигне до Парламентарното собрание на Советот на Европа. “, потсети Гервала.
Како што додаде, доколку за првата фаза била доволна добрата координација меѓу Владата, Претседателството и Собранието, во втората е потребна уште поголема соработка.
„Затоа, предложивме формирање на координативна група чија задача е да развива меѓуинституционална комуникација и соработка во врска со членството на Косово. Три комисии на Парламентарното собрание ќе подготват извештај за политичката, правната состојба и состојбата со човековите права во Косово во рамките на процесот за членство“, изјави Гервала .


