Кошаркарите ја бркаат третата победа во претквалификациите за ЕП 2029
Бевме многу подобри од Азербејџан, на наш, домашен терен во СРЦ „Кале“. Во ноември ја совладавме и Ирска, на гостински паркет во Даблин.
Препорачано
Денеска од 18.00 часот, во салата во „Градски парк“ во Скопје, македонските најдобри кошаркари бараат и трета победа по ред во „А“ групата од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година, два бода со кои ќе бидеме многу поблиску до целта – премин во следниот натпреварувачки круг.
По многу години, поточно од 9 септември, 2006 година, Македонија ќе биде во улога на домаќин во салата во „Градски парк“, комплетно реновирана во изминатиот период, и подготвена да ги прими сите заинтересирани за вечерашниот дуел, во кој на теренот „црвено-жолтите“ уште еднаш ќе ги поведе Војдан Стојановски.
Капитенот на Македонија е запознаен со квалитетите на денешниот противник:
– Играме против Луксембург, една добра репрезентација во која шутираат сите што се во моментот на теренот. Селекција која игра без класичен центар, што говори дека форсираат брза игра за која треба да најдеме соодветен одговор – вели Стојановски.
Предводникот на нашиот национален тим вели дека енергетскиот момент е еден од оние кои ќе го донесат веројатно и клучниот дел од дуелот во „Градски парк“. Заедно со добра дефанзива која црвено-жолтите“ треба да ја презентираат во дуелот со селекцијата која исто така има две победи во првите две кола од претквалификациите.
– Наше е да дадеме сè од себе, да го потрошиме и оној последен атом од нас. Да имаме добра енергија и тоа како потребна за ваков вид на натпревари. И со една добра игра во одбраната да стигнеме до победата – кажа Стојановски пред натпреварот кој, извесно, ќе се игра пред полно гледалиште со оглед на тоа дека повеќе нема влезни билети во продажба.
Составот на Македонија за натпреварот против Луксембург: Војдан Стојановски, Виктор Ташовски, Лука Стојановски, Марин Петков, Ваљмир Какруки, Андреј Магдевски, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Теодор Симиќ, Итан Хап, Андреј Јакимовски, Виктор Ефремовски.
ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2029
ГРУПА „А“
ДВОЈКИ 3. КОЛО
ДЕНЕСКА:
18.00: МАКЕДОНИЈА – Луксембург
20.30: Ирска – Азербејџан
ТАБЕЛА
1.МАКЕДОНИЈА 2 2 0 175:125 4
2.Луксембург 2 2 0 184:167 4
3.Ирска 2 0 2 153:177 2
4.Азербејџан 2 0 2 139:182 2


