Коронавирусот му се заканува на најголемиот фудбалски спектакл, виси ЕВРО 2020?!

твитер

На само три месеци пред стартот на Европското првенство, коронавирусот се заканува да им ги расипе плановите на организаторите.

Одржувањето на ЕВРО 2020 кое требаше да започне на лето е загрозено поради коронавирусот кој продолжува да се шири низ светот, а организаторите внимателно ја следат состојбата.

Предвидено е за прв пат во историјата на УЕФА, Европското првенство да се игра во 12 различни држави, но токму таквата идеја може да им создаде сериозни проблеми на организаторите доколку состојбата со коронавирусот се влоши пред да започне ЕП, на 12 јуни во Рим.

Досега се заразени повеќе од 100.000 лица, а се починати 3.500 лица. Коронавирусот предизвика хаос во спортот, во Италија се одложени неколку натпревари, а тамошната Влада одлучи до 3 април сите натпревари да се играат без гледачи.

Англискиот весник „Дејли Меил“ анализира неколку прашања во пресрет на ЕП 2020 кое може дури и да се одложи доколку не стивне епидемијата.

Кој е ставот на УЕФА поради коронавирусот?

УЕФА со големно внимание ја следи состојбата, а челниците на европската куќа на фудбалот се уберени дека ЕВРО 2020 ќе започне како што е планот, на 12 јуни. Портпаролот на УЕФА изјави дека тие се во постојан контакт со сите европски влади како и со Светската здравствена организација и засега нема потреба да се менува распоредот на натпревари.
Оптимист е и претседателот на УЕФА, Александер Чеферин кој изјави:
– Ајде да бидеме оптимисти и да не размислуваме за мрачни сценарија.

Дали ЕВРО 2020 може да се одложи или да се откаже?

Потпретседателот на УЕФА, Мишел Ува истакна дека вакво сценарио е можно доколку состојбата со коронавирусот се влоши.
– Ние ја следиме состојбата во секоја земја поединечно, будејќи фудбалот мора да ги следи упатствата на тамошните влади. Спортските настани ќе бидат одложени или откажани доколку се влоши состојбата – изјави Ува.

Дали коронавирусот ќе влијае на пријателските натпревари пред ЕП?

Да, коронавирусот може да влијае на подготовките на репрезентациите. Првиот вистински тест за УЕФА но и за репрезентациите е крајот на март кога се предвидени да се играат бараж натпреварите од Лигата на Нациите, но и пријателски натпревари.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, не ја исклучи можноста да се одложат сите меѓународни натпревари во март или пак тие да се играат пред празни трибини.

– Здравјето на луѓето е многу поважно од било која игра. Во овој момент не исклучуваме ништо и затоа мораме да ја следиме состојбата и да се надеваме дека епидемијата ќе се намалува. Сепак, во овие моменти епидемијата се шири и сосема е реално мартовските репрезентативни натпревари да се одложат или да се играат без публика – вели Инфантино.

Каква е состојбата со тренинг камповите?

Новиот модел на ЕП на кое ќе играат 24 репрезентации, ќе им овозможи на добар дел од нив да се подготвуваат во своите земји. Англија комплетната групна фаза ќе ја одигра на „Вембли“ во Лондон, но репрезнетацијата на Велс, дел од средбите ќе ги игра во Баку, Азербејџан, а дел во Рим.

Како коронавирусот влијае на фудбалот во останатите европски земји?

Во Швајцарија се одложени цели кола до 23 март, во Италија до 3 април спортот ќе се игра без гледачи, а во Англија на фудбалерите засега им е забрането да се ракуваат пред почетокот на натпреварите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот