Коњаници на Илинденски марш/Фото: Фејсбук/МИА

Коњаниците тргнаа кон Крушево, најмладиот има само 8 години и најдолг пат

Со општинското знаме на Аеродром во рацете, денеска во 17.30 часот, последни кон Крушево тргнуваат коњаниците од Горно Лисиче. Годинава на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“ ќе учествуваат околу 40 коњаници од Битола, Струмица, Скопје и други градови.

Скопската коњаницата попладнево преку црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче ќе го почне своето долго патешествие до славното Крушево каде треба да пристигне на големиот национален празник Илинден.

Главен покровител на коњичкиот марш до Крушево кој се одржува по 44-ти пат е градоначалникот Тимчо Муцунски.

Битолчани од „Галоп“ тргнаа кон Крушево

Синоќа пак од пред Офицерскиот дом во Битола го почна седумдневното патување до Крушево битолската коњаница „Галоп”. Според зборовите на Ѓорги Стојчевски, одговорен водач на коњаницата и претседател на Здружение за рурален развој и организирање на битолска коњаница „Галоп”-Битола, во коњаницата учествуваат 12 момчиња и две девојки кои со своите коњи ќе одјаваат пат долг 174 километри.

-За овој предизвик кој првпат се организира во рамки на фестивалот „Илинденски денови” се подготувувавме шест месеци, почнувајќи од месец јануари и се до денес. Подготовките беа тешки и напорни, но неуморно ги подготвувавме коњите, но и ние лично се подготвуваме со кондиција за издржливост. На патот до Крушево се и две девојки Симона и Ивана кои изразија желба да се вклучат во одбележувањето на Илинден и да се оддаде почит на илинденците кои го дале животот за Македонија, истакна Стојчевски и потсети дека само во битолското село Цапари биле евидентирани 94 илинденци.

Според планот, битолската коњаница во Крушево треба да пристигне на 31 јули, на 1 август ќе учествуваат на дефиле во Крушево, а на 2 август на Мечкин Камен ќе го одбележат државниот празник Илинден.

Најмалиот коњаник доаѓа од струмичко Радово

Кон Крушево тргнаа и петмина коњаници од струмичкото село Радово кои исто така ќе бидат дел од традиционалниот коњички марш што се организира во чест на Илинден. Тие ќе патуваат неколку денови и ќе се спојат со Бигорската коњаница и оттаму ќе се упатат кон Мечкин Камен.

Најмладиот јавач има осум години, а групата ја предводи Виктор Сирачев.

-Се подготвувавме три месеци и конечно тргнавме. Лани бев сам, но годинава имам поддршка и прв пат тргнуваме организирано. Нашиот мотив е да им оддадеме почит на сите загинати илинденци кои својот живот го дале за Македонија, изјави Сирачев.

Вчера на патот кон Крушево коњаниците застанаа во Општина Босилово, каде беа пречекани од градоначалникот Ристо Манчев, кој им подари македонско знаме и знаме на општината.

Петмината коњаници вчера застанаа и во Струмица. Таму се поклонија и положија цвеќе пред спомениците на Гоце Делчев и Борис Трајковски.

Пандов на чело на Бигорската коњаница

Својот марш 13-ти по ред,  коњаницата „Бигорски Манастир – Патот на црешовото топче“ го започна вчера од гостиварско Зубовце, а благослов за патешествието доби од свештените лица од Бигорскиот манастир.  Коњаницата поминува низ живописниот мавровски крај: Јанче, Галичник, планината Бистра, Кичево, Вранештица и Цер на пат кон Крушево.

Бигорската коњаницата има околу 200 километри пат по кој било пренесено првото црешово топче за поддршка на илинденските востаници. И тие на 2 август ќе бидат дел од илинденската прослава на Мечкин Камен во Крушево.

Во Бигорската коњаница и годинава е Александар Пандов, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот