Конфликтот на Блискиот Исток го загрозува глобалниот воздушен сообраќај
Конфликтот во регионот на Блискиот Исток веќе го наруши глобалниот воздушен сообраќај, особено во транзитните центри во Заливот, вклучувајќи ги Дубаи, Абу Даби и Доха, објави Би-би-си.
Препорачано
Летовите се прекинати, авионите се приземјени, а стотици илјади патници се блокирани или принудени да бараат алтернативни рути.
Дубаи е епицентарот на глобалната авијација, а меѓународниот аеродром во Дубаи опслужи повеќе од 92 милиони патници во 2024 година, што го прави најпрометниот аеродром во светот за меѓународни летови, наведува медиумот.
Заедно со аеродромите во Абу Даби и Доха, овие аеродроми опслужуваат повеќе од 3.000 летови дневно, претежно под знамињата на домашните превозници како што се „Емирати“, „Етихад“ и „Катар ервејс“.
Сепак, конфликтот на Блискиот Исток драматично го наруши овој систем, велат експертите.
Затворањето на воздушниот простор, нападите со ракети и беспилотни летала и блокадата на Ормускиот Теснец ги приземјиа авионите, откажаа десетици илјади летови и ги удвоија цените на горивото, додека патниците ширум светот беа блокирани или мораа да бараат алтернативни рути.
Моделот на авијацијата во Заливот, базиран на транзитни центри што ги поврзуваат Европа, Северна Америка и Азија со минимални запирања, досега овозможи ефикасен и економичен транспорт на долги релации, наведува британскиот медиум.
Сепак продолжениот конфликт би можел да има трајно влијание врз перцепциите за безбедноста и стабилноста на регионот но и глобално да ги одврати патниците од поврзување преку Дубаи, Абу Даби и Доха, како и да придонесе за зголемување на глобалните цени на авионските билети.
Иако европските и американските авиокомпании се обидоа да го ублажат влијанието со додавање летови преку алтернативни центри, експертите велат дека во моментов нема замена за капацитетот што го обезбедуваат превозниците од Заливот.


