Конфликт во Нагорно-Карабах: Азербејџан тврди дека уништил лансирни рампи за ракети во Ерменија
Министерството за одбрана на Азербејџан денеска објави дека азербејџанските сили погодиле две локации за лансирање на ракети во Ерменија од каде, како што тврдат, биле гранатирани цивилни цели во Нагорно-Карабах. Ова е првпат, по обнова на непријателството во сепаратистичката област, Баку да наведува дека гаѓал цели на ерменска територија.
Потврда за погодени цели на ерменска територија стигна и од тамошното Министерство за одбрана, но негира дека нападот е извршен од Азербејџан. Ерменија по нападот кажа дека „има право да гаѓа било кој воен објект или опрема на територијата на Азербејџан“.
Азербејџанското Министерство за одбрана посочи дека во текот на ноќта, во зона во близина на областа Нагорно-Карабах, е забележано поставување на системи за проектили што се подготвени за истрелување, па затоа и ги уништиле оти, според нив, мета биле цивилни цели.
– Нападот е изведен под едноставна претпоставка дека со опремата ќе бидат гаѓани цивилни зони во Азербејџан. Непотребно е да се говори дека таквите наводи се неосновани во целост“, изјави портпаролката на Министерството за одбрана на Ерменија.
Азербејџанските сили и формации на сепаратистите што ги поддржува Ереван војуваат во Нагорно-Карабах од крајот на септември и според официјални податоци, во борбите досега загинаа повеќе од 600 лица.
Примирјето што беше постигнато под покровителство на Русија треба да стапи на сила во сабота, но прекршувано е во старт, па официјални лица од двете страни пријавуваат за нови цивилни и воени жртви.
Нагорно-Карабах е енклава во Азербејџан населена со Ерменци и од војната во првата половина на 90-тите години од минатиот век, владата во Баку нема контрола над тој дел од територијата.