Конечно доаѓа серијата-наследничка на „Бушава азбука“, ќе се вика „Буквождер“
Долго најавуваната серија базирана на култната „Бушава азбука“, наречена „Буквождер“, ќе почне да се емитува на 8 ноември на Македонската радиотелевизија (МРТ).
Препорачано
Од продукцијата велат дека „Буквождер“ е нова серија за деца која ја слави магијата на јазикот, пријателството и заедништвото, а во главните улоги се: Дарија, Марко и Филип заедно со бувчето Se, кои „тргнуваат во авантури полни со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и секојдневниот живот“. Секоја епизода носи нова мисија и јасна поука, за да биде подеднакво интересна и за децата и за возрасните.
„Многу сум среќен дека конечно ‘Буквождер’ ќе ја доживее својата премиера. Проект кој е работен со многу љубов и феноменална екипа на која сум многу горд. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за деца!“, вели Георги М. Унковски, режисер и продуцент.
„Бушава азбука“, серијата од 1985 чии автори беа Горан Стефановски и Слободан Унковски, во продукција на тогашната Телевизија Скопје, беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм и актерска игра. Имаше вкупно 31 епизода, со просечно траење од 29 минути, секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.
Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди и е планирано покрај нив да се појават и дополнителни содржина како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично. Гласовите на Дарија, Марко и Филип ги позајмуваат Ивана Павловска, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценарист е на Калија Киселичка.


