Комората на сметководители бара пролонгирање на роковите за годишна сметка и даночниот биланс

Комората на сметководители на Македонија која континуирано се залага за подобрување на состојбата на сметководителите во земјава неделава испрати допис до УЈП за пролонгирање на рокот за поднесок на годишна сметка и даночен биланс за 2020 година, заради доцна објавениот образец за ДБ, од страна на Министерство за финансии.

Од Управата за јавни приходи со која Сојузот на стопански комори на Македонија има потпишано меморандум за соработка, добивме известување дека ќе се разгледаат сите можности за пролонгирање на рокот, за поднесок на годишна сметка и даночни биланси, и дека состојбата се следи како не би настанале проблеми од ненавремено поднесување.

Поконкретно, Комората на сметководители побара одлагање на крајниот рок за поднесок на извештаите ДБ, ДБ ВП, ДЛД ДБ и Б до УЈП до 31.3 и одлагање на крајниот рок за поднесок на годишната сметка до ЦРМ до 31.3 без разлика на начинот на кој е поднесена годишната сметка, електронски или хартиено. Моментално рокот за поднесување е до 15.3, ако завршната сметка се поднесуваат електронски и 29.2 доколку се поднесува хартиено.

Благоја Грозданов, член на Управен Одбор на Комора на сметководители истакна дека во соработка со надлежните институции, потребно е и во иднина да се разгледа законско одложување на крајниот рок за поднесок на годишните сметки.

– Навременоста е еден од главните ограничувачки фактори за обезбедување на веродостојни и релевантни информации. И рамката за финансиско известување објавена на Одборот за меѓународни сметководствени стандарди го препознава овој факт и зборува за потреба да се воспостави баланс меѓу релативната важност на навременото известување и обезбедувањето на веродостојни и релевантни информации за да се задоволат потребите на корисниците за донесување на економски одлуки. Кај нас крајните рокови за регуларен поднесок на годишните сметки се 28.2 доколку истите се поднесуваат хартиено односно 15.3 доколку истите се поднесуваат електроски. За споредба, во соседните земји, Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30.6, во Хрватска до 30.4, во Германија до 31.3 за средните и големи ентитети и 30.6 за малите и микро претпријатијата, во Франција и Шведска до 31.7 итн.”, изјави Грозданов и појасни дека доколку долгорочно се прифати предлогот на Комората на сметководители и се пролонгира законскиот рок за поднесок на годишна сметка тоа ќе повлече и пролонгирање на роковите за поднесок на даночни биланси, ќе се избегне ситуации на работа под екстремен притисок и ќе го зголеми квалитетот на даночното и финансиско известување.

Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители истакна дека неопходно е уредување на целокупниот даночен систем со цел зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето.

– Сметководителите не ретко се соочуваат со уште еден проблем, а тоа е неусогласени финансиски картици за даночен долг. Се случува нашите коминтенти да добијат опомена за неплатен долг, дури и решение за присилна наплата на средства, за долг кој според нашите евиденции воопшто и не постои, а за волја на вистината се случува да не постои ниту на системот за Е-даноци. И додека да се реши проблемот, неретко веќе средствата се и присилно наплатени, за што, дополнително, за изготвенo решение се засметува и еднократна такса во висина од 5% од износот на така утврдениот долг. Ваквата ситуација одзема драгоцено време во повеќекратно сложување на едни исти финансиски картички, а во голема мера влијае и на веќе стекнатата доверба во деловниот однос кој го градиме со клиентите”, рече Андреева и додаде дека во време на дигитализација, работите може да функционираат беспрекорно, а ваквата неусогласеност го доведува во неизвесност работењето и ликвидноста на компаниите за што Министерството за финансии би требало да инвестира во современ систем со кој ќе се надминат овие состојби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот