Колумна на Виолета Михајловска: Правата на жената низ историјата и денес

Во месецот кога се одбележува Меѓународниот ден на жената, од исклучителна важност е да се потсетиме кои биле причините за појавата на феминистичките движења, за кои права се бореле жените низ историјата на феминизмот и колку од тие добиени права ние всушност ги уживаме денес. Имено, историјата на машко-женските односи нè учи дека жените традиционално владееле со домашната сфера, додека мажите владееле со јавната сфера. Крајот на 19 и почетокот на 20 век е период кога жените покажуваат интерес и за политички права, па одржани се бројни протести на кои жените бараат право на глас бидејќи со правото на гласање верувале дека ќе можат да влијаат врз државните политики. Клучна фигура во добивањето на политичките и економските права е Клара Цеткин, која во Германија го создала социјалдемократското движење на жените и заедно со Роза Луксембург како нејзина истомисленичка и блиска пријателка, мобилизирале огромен број жени ширум светот на масовни мировни собири.

Клара Цеткин и Роза Луксембург, 1910 година, фото-Фејсбук

Како резултат на нивната борба, во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените на која е одлучено да се прославува меѓународен ден на жената. Развојот на општествените односи пресликани пред сѐ преку политичките прилики, видно ги изместиле дотогашните традиционални машко-женски улоги. Така, Првата светска војна создала услови за пробив на жените од домашните обврски до обврските кон државата, односно потребите за војната. Најголемиот број мажи веќе биле во војничките редови, па жените биле вклучени на работа во фабриките произведувајќи муниција и оружје, возеле тешка механизација за потребите на производството, работеле тешки физички работи по полињата и нивите за да обезбедат доволно храна за војската и семејствата. Популарна икона од овој период е Роси ковачката, која претставувала симбол на вработените жени. По завршување на војната голем дел од жените морале да им ги отстапат работните места на мажите кои се вратиле од фронтот, а само мал дел жени останале да работат и тоа како службенички, или најчесто како медицински сестри. Ова е всушност периодот на етаблирање на професијата медицинска сестра како резултат на работата на Флорен Најтингејл. Сите овие активности практично ги отсликуваат заложбите и придибивките на жените во првиот бран на феминизмот – политичките, економските и социјалните права.

Шеесеттите години на минатит век се период на вториот бран на феминизам, кој се карактеризира со борбата на жените за репродуктивни права, абортус, сексуалната слобода, борбата против семејно насилство, а паралелно со ова се воделе кампањи за изедначување на платите и за правото на абортус. Феминистичките барања варирале од темите за вработување и еднакви плати, до право на згрижување на деца, контрацепција и абортус, па сѐ до заштита од сексуално вознемирување на работното место. На протестите што се одржувале низ САД, жените демонстрирале со симболично фрлање на градниците како чин преку кој барале сексуално ослободување, односно промена на јавната перцепција за женското сексуално однесување.

Третиот или модерниот бран на феминизам пак се чини малку порадикализиран од причина што во својот фокус ги сместува и правата на ЛГБТ-заедницата, а ние сме сѐ уште народ со балкански менталитет во чија матрица не влегува хомосексуалноста како природна појава. Поаѓајќи од овој факт, јасно е зошто феминистките во денешно време се етикетираат погрешно, па дури и општите феминистички заложби се сфаќаат во негативен контекст. Лично и јас се сложувам со бројните коментари дека како општество сè уште не сме подготвени за вакви теми и дека акцентот на нашите барања сè уште мора да го држиме во правата за еднакви можности во политичките и економските сфери каде што јасно е дека не сме го достигнале зенитот. Живееме во држава во која социјалната сфера сè уште не ги задоволува потребите на жените, пред сè на вработените жени на кои им е потребно згрижување на децата во две смени, па и за викенд. Сè уште сме држава во која дури и основната здравствена грижа им е недостапна на одредени групи, а исто така и образованието. Потребна е силна кампања за тоа, па макар таа значела и враќање назад, но потребен ни е полесен пристап до јавната сфера, пристап до високи раководни функции како и политички фукции во извршната и законодавната власт. Императив кај нас е секако да се работи и на развивање на колективната свест и излегување од некаква си традиционална (патријархална) матрица.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот