Фото: Тетово инфо

Кој во Тетово сметки за вода ќе си плати, в градски автобус може муфте да се клати

Двете јавни општински претпријатија, за градски превоз и за комунални услуги, се здружија во несекојдневна иницијатива

Електронското плаќање и припејд-картичките пристигнаа во тетовскиот јавен превоз, а две општински јавни претпријатија ќе соработуваат во несекојдневна иницијатива – граѓаните што ќе приложат платени сметки за вода, ќе можат бесплатно да се возат во автобусите на градскиот превоз, пишува „Тетово инфо“.

Токму водоснабдувањето и сообраќајот, дејностите со кои се занимаваат овие јавни претпријатија, се главните сектори со најголемите, хронични комунални проблеми со кои се соочуваат жителите на Тетово со децении наназад.

Системот што треба да помогне да се ублажат тие проблеми денеска го најави градоначалникот Биљал Касами. Ќе се вика „ТЕ КЛИК“.

„Оваа одлука има за цел да ја награди граѓанската одговорност и истовремено да го олесни урбаното движење за различни категории граѓани. Ова претставува конкретен чекор кон пофункционален и поправеден град, во кој одговорноста се вреднува и се претвора во реални придобивки за граѓаните, институциите и организациите – ветување што денес го претвораме во реалност. За граѓаните кои ги имаат подмирено сите обврски кон Општина Тетово, јавниот превоз ќе биде бесплатен. Потребно е да аплицираат преку системот „ТЕ КЛИК“, вклучително и за членовите на семејството кои живеат на иста адреса. По поднесувањето на апликацијата, картичката се подигнува лично во просториите на ЈП „Тетово Транспорт“, по што корисниците ќе можат бесплатно да го користат јавниот превоз“, изјави градоначалникот Биљал Касами.

Во рамки на системот предвидена е и категорија „Ј“ – наменета за учениците од основните и средните училишта во општина Тетово и категорија „К“ за институции и организации кои имаат потпишано договор за соработка со општината.

Градоначалникот Касами најави дека во соработка со Владата, ќе се обезбедат пет електрични автобуси за јавниот превоз во рамки на општинското подрачје.

Жена официјално почината пред 20 години родила дете во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот