Кој се срами од Рамковниот

Потпишување на Охридскиот рамковен договор / Фото: Архива на „Слободен печат“

И дваесет години подоцна за многумина тој остана „срамковен договор“, кој некои политичари го третираат како диво месо, оставајќи некој друг да го „хендла“.

Дваесет годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор беше одбележана со голема прослава, на која не дојдоа двајцата живи потписници, поранешните лидери на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски. А не дојде ниту сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски. Го оставија Зоран Заев сам да се справува со „наследството“ што му го оставија.
А всушност, Љубчо го потпиша, па веројатно засрамен веднаш замина, Груевски го амнестираше, а на граѓаните им продаваше патриотска „басма“, Бранко и Бучко го „пимплаа“ долго, експертски, како „ни риба ни девојка“.

Само на Заев му остана единствената опција-да го материјализира, да го одржува во живот, да го преточи во „едно општество за сите“!

Зошто? Па веројатно за да мрдне државата напред, да не мораме да живееме вечно во исчекување на „второто полувреме“, во кое победници ќе бидеме, „ние“!

И не се виновни граѓаните што и по дваесет години тешко им е да сфатат што се случи тогаш, зашто ни тогаш ни сега никој не сакаше да им објасни дека општествени промени „мора да има“.

Дваесет години подоцна УЧК и Безбедносните сили на Македонија се едно. Така било пишано, ќе речат догматиците. Не, така било потпишано, сметаат реалистите. Но за жал тие што го потпишаа, се засрамија. И дваесет години подоцна за многумина тој остана „срамковен договор“, кој некои политичари го третираат како диво месо, оставајќи некој друг да го „хендла“.

И сега се случува истото. Христијан Мицковски се однесува како партијата пред него да нема свое учество во настаните поврзани со Охридскиот рамковен договор. Тој верува дека е минатото и иднината на партијата, а со тоа и на оваа држава. Мицковски всушност со недоаѓањето на 20 годишнината, испрати јасна порака дека тој не го почитува Охридскиот рамковен договор, како ни Уставот, како ни договорите со Бугарија, со Грција, референдумот за НАТО и т.н. И не е проблемот во тоа, туку што тој им испраќа постојано лажна надеж на граѓаните, дека ќе го врати времето и ќе ја „среди“ Македонија. Таа „Македонија за сите“, веројатно би требало да биде каква што била пред 2001 вата, држава со тензични меѓуетнички односи, кои со децении не можеа да се релаксираат. Оттаму е и посебниот однос што Охридскиот договор го има во американската надворешна политика и во Бајденовиот декрет, а заради што Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ би било помудро да се однесуваат.

И навидум малиот гест на игнорирање на одбележувањето на јубилејот на Охридскиот договор, радикалните подржувачи на партијата ќе го сфатат како нивна подршка за враќање на „Македонија на македонците“.

ВМРО-ДПМНЕ не може вечно да се вози на лажен патриотизам, да прави едно, а да говори друго. Десет години Груевски успеваше да ги „билда“ Македонците со анти албанско расположение, а во меѓувреме со ДУИ да ја федерализира државата. Со тоа почна да тлее и интра -етничката поделба и нетолеранција, обвинувања за патриоти и предавници, атмосфера што ни сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја релаксира.

Лесно е да си опозиција и да критикуваш, а да не даваш одговори. При тоа најчесто да говориш за еконмски стандард и инвестиции. Тоа го можат и експертите и медиумите и малите партии кои никогаш не биле и нема да бидат власт. Но од партија како ВМРО-ДПМНЕ се очекуваат одговори, прифаќање на реалноста и стратегија за идниот курс на државата, не само економски, туку и политички, меѓуетнички и геостратешки.

Зачудува што и опозициските партии на Албанците „се откажаа“ од Охридскиот рамковен договор, давајќи им повторно шанса на ДУИ да си го присвојат наследството на УЧК.

Со тоа тие се однесоа како и македонските партии на Илинден. Останаа разединети на за нив, најзначајните денови од поновата историја.

Видео на денот