Кој не сака да се вакцинира, еднаш неделно ќе мора да се тестира

вакцинација против ковид
Вакцинација против ковид. / Фото Архива на Слободен печат

За влез на работното место, освен сертификат за вакцинација за примена најмалку една доза, ќе може да се користи и сертификат за прележан ковид-19, како и негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа.

Вкупно 131 илјада вработени во јавниот сектор во земјава повеќе нема да може да одат на работа ако не се вакцинирани или ако еднаш неделно не приложат негативен ПЦР-тест, кој ќе го направат на свој трошок. Здравствените власти ја воведоа оваа мерка за да го зголемат вакциналниот опфат, особено откако драстично опадна интересот за примање прва доза вакцина во земјава и беа фрлени 20 илјади вакцини на „Фајзер“ донирани од Бугарија.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести со консензус одлучи да ѝ ја предложи на владата новата мерка, која ќе ги мотивира вработените во јавниот сектор да се вакцинираат или задолжително да се тестираат на секои 72 часа. За влез на работното место, освен сертификат за вакцинација за примена најмалку една доза, ќе може да се користи и сертификат за прележан ковид-19, како и негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Мерките ќе стапат на сила 10 дена откако ќе бидат изгласани на владина седница. Исклучок од ова правило ќе бидат граѓаните кои со потврда од специјалист ќе докажат дека не може да ја примат вакцината, односно дека боледуваат од ретки имунолошки состојби. Министерството за здравство ќе објави список на болести и специјалисти што ќе може да ги издаваат тие потврди.

– Препорачуваме кон овие мерки да се придржуваат и приватните компании, од кои веќе имаме и потврда и очекуваме дека ќе може да се приклучат, со оглед на тоа што од Сојузот на стопански комори стигна едно писмо со слични барања, а со цел да се заштитат производствените капацитети и производствениот процес во земјава – рече министерот за здравство Венко Филипче.

Според предлогот од Комисијата за заразни болести доставен до Владата, вакцинацијата против ковид-19 ќе биде задолжителна за сите здравствени работници. Оваа мерка е веќе воведена во регионот. Во Хрватска медицинскиот персонал кој одбива да се вакцинира веќе се соочува со откази од работните места. Филипче е уверен дека со оваа мерка значајно ќе се зголеми опфатот за вакцинација.

– По овој мини-пик кој го имавме пред неколку денови, кога се наполнија сите ковид-центри во Скопје, состојбата делумно се стабилизираше, но пред нас е зимската сезона, сезона на грип и настинки, а има и пациенти што заболуваат од други болести. Не може да се занимаваме само со ковид, мора да мислиме и на другите пациенти. Сметам дека оваа мерка ќе го зголеми вакциналниот опфат и ќе се намали бројот на заболени од ковид. Во овој момент тие пациенти ги оптоваруваат болниците, а од хоспитализираните близу 80 проценти се невакцинирани – додаде Филипче.

За контрола на вакциналните сертификати, негативните ПЦР-тестови или сертификатите за прележаност не постари од 45 дена, во секоја јавна институција ќе биде назначено одговорно лице редар, кој ќе ги проверува на влезната врата.

Со оглед на тоа што досегашната контрола на вакциналните сертификати е недоволна и за влез во трговските центри и угостителските објекти голем дел граѓани приложуваат лажен или туѓ сертификат за вакцинација, Комисијата за заразни болести побара од инспекторите и од МВР да проверуваат вакцинален статус со електронски алатки. Станува збор за мобилни апликации, каде што сертификатот има код што не може да се фалсификува.

До крајот на ноември, на околу 25 илјади вакцини од „Астра-Зенека“ во земјава им истекува рокот и дел од нив ќе мора да се уништат. Овие вакцини според препораките на Комитетот за имунизација може да се аплицираат само на повозрасни од 60 години.

Институтот за јавно здравје информираше дека бројот на новозаразени од ковид-19 минатата недела бил помал за 8,1 процент споредено со неделата претходно. Најмногу новозаразени има во Скопје, а најмногу заразени се повозрасни од 60 години. За една недела се пријавени 77 смртни случаи од ковид-19, најмногу на повозрасни од 60 години. Активни случаи во земјава се 8.331 лице, а хоспитализирани се 534 лица. Од нив 343 се на кислородна поддршка. Заклучно со 14 ноември, пријавени се 822 реинфекции.

Видео на денот