Кој навистина ја штити Европа од балистички ракети?
Антибалистичката одбрана на Европа од ракети со среден дострел но и од интерконтиненталните ракети со децении се потпира на капацитетите на САД. Сепак, во сценарио во кое Вашингтон го намалува или елиминира своето воено присуство на стариот континет, сликата станува значително помалку поволна иако не е целосно безнадежна.
Препорачано
Ова меѓу другото го наведува во својата анализа угледниот портал кој се занимава со воена тематика „Дифенс експрес“. Во еден од последните текстови на оваа проблематика порталот забележува дека сценариото во кое Иран би можел да ги нападне европските земји со балистички ракети се смета за реално.
Анализата на порталот појаснува дека и покрај стравувањата од ирански напади на европскиот континент сепак сега постои развиен одбранбен систем кој би можел да одбие таков напад.
Клучниот проблем е едноставен, бидејќи системот за воздушна одбрана на Европа е американски. Сите негови клучни компоненти од откривање на воздушните закани до нивното пресретнување се интегрирани во мрежа под американска контрола, објавува „Дифенс експрес“.
Ова прашање добива дополнително значење во контекст на сегашната американска администрација, која постојано сигнализираше за можноста за намалување на ангажманот во Европа и во рамките на НАТО.
Европа нема свој систем за рано предупредување
Доколку се случи такво повлекување од страна на САД, одбраната на Европа би изгледала значително поинаку. Европските земји немаат засега единствен, независен и континуиран систем за ракетна одбрана без американска поддршка.
Првиот проблем се јавува во почетната фаза односно во откривањето на лансирањето ракети. Европа нема своја сателитска мрежа што би можела веднаш да го открие лансирањето на балистички ракети, забележува порталот.
Во такво сценарио, Французите би можеле да бидат првите што би ја забележеле заканата, благодарение на радарот Нострадамус, кој се наоѓа околу 90 километри западно од Париз. Ова е радар кој ја користи рефлексијата на радиобрановите од јоносферата, може да „гледа“ зад хоризонтот.
Неговиот опсег е околу 4.000 километри, што е доволно за покривање на Северен Иран. Сепак, овој систем има сериозни ограничувања и зависи од состојбата на јоносферата, има таканаречени „слепи зони“ односно е релативно непрецизен. Во пракса, може само да потврди дека лансирањето е извршено и дека ракетата би можела да се движи кон Европа.
„Слепа зона“ над Турција
Додека каква било ракета би минала низ турската територија, европските земји практично немаат начин истата да ја следат. Единствено кога таа би се приближила до Романија и би достигнала доволна надморска височина, може да влезе во опсегот на дејствување на британскиот радар AN/FPS-132, посочува реномираниот портал.
И овој радар кој се наоѓа во радарска база во Англија е дел од американскиот систем за ракетна одбрана, а е во сопственост на Британците. Истиот овозможува многу прецизно следење на целта, но не и нејзино соборување.
Со други зборови, Велика Британија може да ја види ракетата, но не може да ја запре, наведува порталот.
Германија како клучна точка на одбраната
Во меѓувреме доколку Соединетите Американски Држави останат настрана, единствената земја во Европа што би можела да се обиде да ја пресретне заканата од воздух би била Германија.
Германија неодамна го распореди системот „Arrow 3“, во воздухопловната база Холцдорф, јужно од Берлин. Системот го користи радарот EL/M-2080, кој може да детектира цел на растојание од околу 900 километри, или во превод до кога евентуалната иранска ракета веќе би била во воздушниот простор на границите на Романија и Унгарија.
Но и тука постојат ограничувања, објаснува порталот. Радарот покрива само одреден сектор, па затоа мора тој да биде успешен и би требало да биде насочен кон Иран, а не кон други потенцијални закани како што е Русија.
Иако точните параметри на дометот на пресретнување се непознати, познато е дека „Arrow 3“ може успешно да собори балистички ракети, вклучително и ирански.
Ако потфрли одбраната , системот „Патриот“ останува единствен спас?
Сепак доколку евентуалната иранска ракета помине низ германската одбрана, ќе останат само ограничени опции за поединечни земји да се заштитат.
Системите „Патриот“ можат да се обидат да пресретнат, но тие не се првенствено дизајнирани за ракети со среден дострел. Успехот би зависел од тоа дали се во состојба на готовност и ја штитат целта на нападот.
Во Европа, вакви системи, покрај Украина, се поставени во Германија, Холандија, Шведска, Романија и Полска.
Во исто време Франција и Италија го имаат системот на ПВО SAMP/T, но неговите капацитети не се доволни за ефикасно пресретнување на модерни балистички ракети, особено не оние со среден дострел пренесува Тпортал.


