Кој ќе победи на локалните избори?!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Траекторијата како ќе се движи исходот од изборниот резултат на претстојните локални избори оваа есен, зависи од три фактори: капацитетот на двете доминантни политички партии/коалиции да го мобилизираат своето традиционално гласачко тело, но и да го активираат во своите предизборни кампањски средби со граѓани; капацитетот кој ќе направи поголема предизборна шаренолика повеќеетничка композициска коалиција; и трето, според мене најважно, какви персонални кандидати ќе профилираат двата политички доминиони на македонската политичка сцена.

И покрај тоа што сè уште се сметаме за длабоко партизирано и политизирано општество, ценам дека во изминатите години, преку тридецениската повеќепартиска плурална демократија, граѓаните научија да прават разлика меѓу парламентарни, претседателски и локални избори. Особено кога станува збор за избирање на првиот човек во својата односна општина, граѓаните и тоа како прават избор, бидејќи се свесни дека локалните самоуправи се прв институционален сервис каде што тие ги упатуваат своите барања за решавање проблеми од најмал карактер, но и тоа како битни за нормалното живеење во една помала или микросредина. Примери дека граѓаните не гласаат по стариот добар принцип „и магаре да врзат, ќе гласам за нив“, се победите на тогашните градоначалници во општините Карпош и Центар во 2013 година, и Кавадарци во 2017 година, кога граѓаните во овие општини гласаа различно од доминантниот дискурс на победа на едната или другата политичка партија, кога направија „џандар збира“, едните на изборите во 2013, другите на тие во 2017 година.

Граѓаните свесно избираат во согласност со своите преференции!

Тогаш кој ќе победи на овие локални избори? Македонија се наоѓа во една специфична ситуација на терен: акумулираното незадоволство од политиките на централната власт може да се канализира кон гласање против кандидатите од владејачката партија, но тоа би било штета поради погоренаведениот факт дека треба да се прави разлика меѓу едни и други избори. Што значи, вие можете да имате катастрофално лош министер во кој било ресор, но одличен градоначалник со успешни резултати, и двајцата номинално припадници на иста политичка партија.

Ако ги погледнеме резултатите од минатогодишните парламентарни избори, и ако тој изборен сооднос го земеме како некаков репер во проектирањето, може да се очекува дека СДСМ ќе однесе победа во општините Центар и Карпош, како и во Бутел и Град Скопје (поради пресудноста на етничкоалбанските гласови од ДУИ во вториот круг), додека ВМРО-ДПМНЕ  има психолошка предност и може да однесе победа во општините Гази Баба и Кисела Вода, додека и според изборните резултати од минатогодишните парламентарни, но и како кандидати, можеме да очекуваме интересна битка во Аеродром и во Ѓорче Петров. Во поголемите градови низ Македонија, очекувано социјалдемократите имаат предност за победа во Струмица, Битола, Кочани, но фактичката состојба на теренот во моментот може да им донесе победа и во Охрид, Штип и во Прилеп. Бастионот на СДСМ, Општина Куманово, е најинтересната општина за следење на овие избори, бидејќи на владејачката партија ѝ се случи „синдромот на Стевчо Јакимовски“, од 2013 година токму во нивниот втор најголем бастион по Карпош. Од друга страна, опозицијата ќе има тешки маки да освои поголеми урбани средини, особено што Левица, која одзема гласови од десничарскиот басен, номинираше советници во 40-ина општини, но и за 10-ина градоначалници, што значи илјадници опозициско настроени гласови наместо на контото на вмровските кандидати за градоначалници, ќе отидат токму кај кандидатите на втората најсериозна опозициска политичка партија кај нас. Веројатно, само Митко Јанчев во овој момент е „фикс за победник“ во Кавадарци, градоначалник на опозиционерите во некој од поголемите градови низ Македонија, но големи шанси за победа на ВМРО-ДПМНЕ има и во Велес, бидејќи најпопуларниот кандидат, градоначалник во изминативе дваесетина години во Општина Велес, Аце Коцевски, нема да трча за нов градоначалнички мандат.

Жешка политичка есен!

На овие избори, освен во налет надојдената Левица, списоци поднесоа и неколкумина граѓански активисти, невладини организации за заштита на екологијата и граѓани кои се борат за слични каузи кои, ако ништо друго, може да додадат малку колоритност во оскудната понуда и на овие локални избори. Во т.н. албански политички кампус, вечната ДУИ е во предност, но во големите градски и урбани центри каде што Албанците избираат градоначалник (Тетово, Гостивар, Струга, Чаир), многу ќе бидат важни прелеаните гласови од СДСМ кон кандидатот на ДУИ/БЕСА во вториот круг или од ВМРО-ДПМНЕ кон кандидатот на Алијанса за Албанците/Алтернатива, и тоа може да биде пресудно кој ќе се кити со повеќе успех и поважни градоначалнички „трофеи“, дали Али Ахмети или Зијадин Села.

На овие локални избори ќе се крши и политичката иднина на лидерот на опозицијата: доколку доживее дебакл, во истиот момент неминовна ќе биде неговата оставка и избирање нов лидер на ноемврискиот конгрес во ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе може да ја застане на здрави нозе оваа партија, со претендентност да ја врати во скорешна иднина на власт, или пак доколку избори некаков „поволен“ резултат, освојувајќи над дваесетина и повеќе општини, може тоа да го претстави како „морална победа“ на опозицијата, и покрај „сите закани, уцени, притисоци“ од владиниот апарат, и да побара уште нов четиригодишен мандат за фотелјата во Белата палата, со ветување дека „или само што не дошло ВМРО-ДПМНЕ на власт преку формирање на ново парламентарно мнозинство“ или дека „ наредната 2022 година ќе се предизвикаат нови предвремени парламентарни избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе победи и ќе ја освои власта“.

Во целата оваа комбинаторика на постизборните резултати не треба да го исклучиме факторот „Будимпешта“ и неговото влијание од бреговите на Дунав  во оваа партија. Доколку Заев издејствува каква било победа, ќе го зацврсти легитимитетот на претседателското столче на Бихаќка, но ќе го релегитимира и премиерското, а доколку „се случи чудо“ – да ги загуби изборите, неминовно ќе треба напролет да се распишат нови предвремени избори, на кои ќе мора да побара нов легитимирачки мандат од граѓаните.

Следува „жешка“ и интересна политичка есен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот