Кој ќе оди во изолација кога во училиштето ќе се појави ковид-19 позитивно дете?

Ученици со маски / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BLUMBERG

Родителите стравуваат дека во случај на едно позитивно дете може цело одделение да оди во изолација и да треба да продолжи со он лајн настава.

Носењето на протоколите за настава со физичко присуство во училиштата и отворањето на детските градинки отвора многу дилеми околу тоа дали протоколите ќе се почитуваат, кој тоа ќе го контролира и што ако се појави заболено дете. Од Комисијата за заразни болести објаснуваат дека протоколите ги предвидуваат сите ситуации и нудат добра заштита доколку се почитуваат, а во случај кога ќе се појави дете заболено од ковид-19 не мора да значи дека сите сооученици ќе треба да бидат во изолација.

Родителите објаснуваат дека прашање на време е кога ќе се појави првиот случај на ковид-19 меѓу децата кои ќе посетуваат настава со физичко присуство.

– И што ќе биде во тој случај никој не објаснува, ако треба пак сите децата од одделението или групата треба да бидат во изолација, тогаш залудно тргнуваат во училиште, залудно сме ги изложиле на ризик и за многу кратко време ќе бидат пак дома – коментираат родителите.

Тие се сомневаат и во тоа дека сите ќе ги почитуваат мерките и дека редовно ќе им мерат температура на децата пред да ги носат во училиште или пак дека нема да ги носат на настава доколку имаат некој симптом на болест.

Еден пример за неодговорно однесување на родителите предизвика внимание во соседна Србија. Во случајот, родителите го пуштиле детето во училиште иако чекале резултати од тестирање за инфекција со ковид-19. Тестот покажал дека детето е позитивно на вирусот, а институциите сега го истражуваат случајот.

КОРОНА ВО БЕЛГРАДСКО УЧИЛИШТЕ УШТЕ НА 1 СЕПТЕМВРИ: Го пратиле детето на училиште иако чекале резултати од тестот

Од Државниот и санитарен инспекторат велат дека кај нас секој потпишува изјава дека откако ќе му биде земен брисот додека да добие резултатите ќе остане во изолација. Но, сепак, ако лицето кое се потпишува на оваа изјава, не ја почитува, нема да биде директно казнето, бидејќи засега нема таква законска можност.

– Доколку некое дете кое оди во училиште или градинка се покаже дека е позитивно на ковид-19 постои можност врз основ на епидемиолошките податоци да се каже дали тоа инфекцијата ја добило во училиште. На пример, ако е само тоа позитивно, тешко е да се објасни дека се инфицирало во училиштетото – вели директорката на ДСЗИ, Ирина Бухова Сотирова.

Од Комисијата за заразни болести објаснуваат дека кога ќе се јави заболено дете во секој случај посебно ќе се прави проценка околу тоа кој ќе треба да биде во изолација и да се тестира.

– Потребно е поединечна одлука бидејќи таа зависи од тоа дали децата во одделението носеле маски, дали седеле сами на клупа, дали се почитувала препораката да не контактираат со деца од другите одделенија. Во зависност од тоа ќе се донесе одлука дали ќе бидат изолирани сите сооученици, наставничката или и некој друг – објаснуваат од Комисијата за заразни болести.

Доколку лицето кое е болно не носело маска и било во близок контакт со лице кое носело маска и тој контакт трае најмалку околу 15 минути ќе биде изложено на ризик да му се пренесе вирусот.

Бухова Сотирова објаснува дека се преземаат сите мерки за децата да бидат безбедни во училиштата и градинките и да се намалат шансите за пренос на инфекцијата и дека во протоколите нема пропусти.

– Но треба да се каже дека ние може да преземеме одговорност додека детето е во училиште. Што се случува потоа, каде детето се движи и дали ги почитува мерките за заштита е одговорност на родителите. Затоа и потенцираме дека ако сакаме резултати треба сите да направиме се што можеме за да го спречиме ширењето на вирусот – вели Бухова.

Таа објаснува и дека се очекува да се донесат законски прописи со кои на лицата кои не ги почитуваат мерките за заштита од ширење на вирусот ќе може директно да им се изрекува парична казна, а не постапката да оди, како што е сега, преку Судот за прекршоци.

Од ДСЗИ велат и дека во градинките се исполнети условите за почеток на работа од 9 септември, но ќе следат контроли за тоа дали протоколите за почитуваат.

За училиштата ДСЗИ издало налог за подобрување на состојбите онаму каде е потребно, по што повторно ќе се направат контроли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот