Кој е човекот кој ги собори рекордите на легендарниот Бубка: Почна да скока на три години, а за малку ќе ја оставеше атлетиката поради бејзбол (ФОТО)

epa08603999 Armand Duplantis of Sweden competes in the Men's Pole Vault during the World Athletics Diamond League meeting in Monaco, 14 August 2020. EPA-EFE/Matthias Hangst / POOL

Арманд Дуплантис е дете на родителите атлетичари, неговиот татко исто така се натпреваруваше во скок со стап, како и неговите браќа и сестра, додека мајка му настапуваше во седмобој.

По заминување на Усаин Болт во пензија, нова „молња“ на атлетското небо стана шведскиот скокач со стап, Арманд Дуплантис.

Легендарниот Бубка веќе не е најголем „скокач“, светски рекорд на Дуплантис

Младиот 21-годишен атлетичар на почетокот од годинава, во Глазгов прво прескокна 6.18 метри во сала со што го собори светскиот рекорд на Рено Лавилени.

 

– Да, јасно ми е дека ова е почеток на нова ера во скок со стап – изјави тогаш Дуплантис откако го собори рекордот на својот идол, Рено Лавилени кој пак беше единствен кој се „закануваше“ на висините на рекордерот Бубка.

Дуплантис вчера испиша нова страница во историјата на атлетиката откако го собори 27 години стариот рекорд кој беше во сопственост на легендарниот Укаинец, Сергеј Бубка.

View this post on Instagram

Last prom #buteractho #borntofly

A post shared by Mondo Duplantis (@mondo_duplantis) on

Дуплантис на митингот од Дијамантската лига во Рим прескокна 6.15 метри и за еден сантиметар го подобри рекордот на Бубка.

– На никој не смеам да му замерам бидејќи очекува да имам луда кариера како таа на Болт. Не очекував дека ќе се најдам во ваква позиција, јас сум само скокач со стап. Неверојатно ми е дека мојата дисциплина стана централен настан во атлетиката – изјави Дуплантис кој во ноември ќе наполни 21 година.

View this post on Instagram

Back to where it all started #StrongTogether #borntofly

A post shared by Mondo Duplantis (@mondo_duplantis) on

Но, кое е новото атлетско чудо?
Арманд Дуплантис е роден на 10 ноември 1999 година во Лафајет, Луизијана. Неговиот татко Грег Дуплантис исто така беше натпреварувач во скок со стап, а неговиот личен рекорд изнесуваше 5.80 метри. Грег му беше тренер на Арманд и на останатите членови на семејството кои исто така се натпреваруваат во скок со стап.
Неговата мајка Хелена Хедлунд е шведска седмобојка, а по заминувањето на студии во САД играше и одбојка.

Најстариот брат на Арманд, Андреас во младите категории настапуваше за репрезентацијата на Шведска во скок со стап, додека во средното училиште играше и бејзбол. Вториот постар брат Антоан исто така тренираше бејзбол и скок со стап, а сестрата Јоана која е средношколка исто така се натпреварува во скок со стап.

– Арманд не се сеќава, но како дете постојано скокаше на фотелјата, а како стап му служеше метлата. Уште тогаш покажуваше љубов кој скокот со стап, а играше и фудбал и бејзбол но беше многу ситен – се потсетува неговиот татко.

Арманд на тригодишна возраст почна да тренира скок со стап и тоа во дворот од домот.

View this post on Instagram

#tbt to my first pole vault meet.

A post shared by Mondo Duplantis (@mondo_duplantis) on

– Поради тоа скокот со стап отсекогаш ни беше дел од секојдневието. Беше нормално по училиште да одработам неколку скокови како што тоа е нормално за некој да трча по топка. Поради тоа денеска сум тука каде што сум. Многу рао се вљубив во овој спорт, уште пред да станам побрз и посилен – вели новиот светски рекордер.

Неговиот татко постојано беше покрај најмалиот од трите синови кој исто така покажуваше одлични резултати и во останати атлетски дисциплини. Тој 100 метри трча за 10.45 секунди, а е сопственик на најдобрите резултати во скок со стап на сите времиња во разни возрасни категории, од седум до 12 години и од 17 години со сениорска конкуренција.

– Помеѓу мојата 14 и 16 години бев многу низок. Но, исхраната многу ми помогна – вели Арманд.

Токму во тој дел, најголеми заслуги и се припишуваат на неговата мајка која се грижи за исхраната.
– Никогаш не го сакаше овошјето, постојано го тргаше од пред себе. Сега напредуваме, една по една врста на овошје вметнуваме во неговата исхрана – потенцира Хелена.

Интересно е што поради нискиот раст за малку ќе се откажеше од атлетската кариера и ќе се префрлеше на бејзболот. Имено, кога имаше 12 години, Арманд посериозно почна да тренира бејзбол и имаше солидни резултати. Но, на 18-годишна возраст кога го заврши средното училиште мораше да се одлучи за еден спорт и тука победи атлетиката и како тинејџер стана европски шампион со прескокнати 6.05 метри.

 

Идол на Арманд Дуплантис е францускиот атлетичар Рено Лавилени кој владееше во оваа дисциплина по заминувањето на Сергеј Бубка и појавувањето на младиот Швеѓанец кој е роден во САД. Лавилени од идол му стана конкурент но во исто време и пријател и ментор, постојано на натпреварувањата беше покрај него и му делеше вредни совети.


Но, неговата мајка смета дека Арманд е поблизок до легендарниот Украинец кој дури 35 пати го соборуваше светскиот рекорд во скок со стап.

– Не сум сигурна дека треба ова да го кажам, но немам претстава дека Бубка ги соборуваше рекордите со таква леснотија како што тоа го прави мојот син.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот