Кога стагнира интеграцијата во ЕУ, никнуваат „нон-пејпери“ и „Илириди“
Кога Европа затајува во регионот, се промовираат националистички политики и се појавуваат нон-пејпери за нови граници и проекти за Илирида. Предупреди Заев и ги повика Софија и Брисел поинтензивно да го продолжат интеграцискиот процес.
Три клучни фактори ќе влијаат за тоа дали Софија ќе му дозволи на Скопје да ги почне преговорите со ЕУ – колкав е политичкиот мандат на техничката влада во Бугарија за да донесе позитивна одлука, која ќе биде содржината на патоказот што од нас го побара бугарскиот претседател Румен Радев и дали ќе биде „прикачен“ на преговарачката рамка за Македонија или не, објасни министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Препорачано
Османи, исто како и премиерот Зоран Заев и министерот за европски прашања Никола Димитров, не откри повеќе детали околу содржината на документите што се подготвуваат во пресрет на самитот на ЕУ на 22 јуни.
Премиерот Заев, пак, предупреди дека кога Европа затајува, во регионот се промовираат националистички политики и се појавуваат нон-пејпери за нови граници и проекти за Илирида и ги повика Софија и Брисел поинтензивно да го продолжат интеграцискиот процес.
Сите влогови се за јунскиот самит
Шефот на дипломатијата Османи вели дека Бугарија бара Патоказот да биде дел од формалниот преговарачки процес, но на тоа се противат други членки на ЕУ, бидејќи евентуалниот преседан во македонскиот случај би можел да биде вовед за слични ситуации во регионот, кој е полн со билатерални спорови. За заедничката посета на претседателите Стево Пендаровски и Радев на Рим, Османи вели дека е важен исчекор.
– Очигледно, единствено претседателот на Бугарија има целосен политички мандат, сите други институции имаат технички мандат поврзан со организација на изборите. Сепак, техничката влада не е ДИК и може да донесе одлука за отворање на преговорите, меѓутоа тука многу важен е претседателот Радев. Комуникацијата продолжува на сите нивоа, имаше комуникација меѓу премиерите, разменувавме одредени документи со министерот за надворешни работи, деновиве очекуваме средба на премиерите и на министри и тука евентуално да се договори една динамика за искористување на овие 20 дена за да се најде решение – рече Османи во интервју за „360 степени“.
Според премиерот Заев, ЕУ треба да даде одговор на сите идеи за големи држави и нови граници на Балканот што се промовираат периодов со нон-пејпери и проекти за Илирида.
– Тоа е сигнал и за Бугарија и за Брисел дека треба поинтензивно да го продолжат процесот на интеграција на регионот во ЕУ. Тоа е исполнување на долгот кон Западен Балкан, а кон Северна Македонија тој долг е поголем десет пати. С Македонија е пример за земја што со својот концепт „Едно општество за сите“ ги обедини сите различни етнички заедници – рече Заев за ТВ Клан.
Тој вели дека земјава е пример за решавање на регионалните и соседските прашања и е горд што премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вели дека Договорот од Преспа е модел и за решавање на отворените прашања меѓу Србија и Косово.
Мицкоски бара ТВ-дуел со Заев
Од друга страна, расте нервозата кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ за содржината на претстојните разговори со Бугарија. Партискиот лидер Христијан Мицкоски го повика премиерот Заев на поголема транспарентност во врска со преговорите со Бугарија и на ТВ-дуел, на кој би се зборувало на повеќе теми, но повикот засега остана без одговор.
– За ВМРО-ДПМНЕ кој било договор или рамка што ќе опфати дури и една запирка што може да го начне идентитетот на македонскиот народ ќе биде неприфатлив. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту да разговара ниту да преговара за тоа начнување на македонскиот идентитет. Бидејќи ние не знаеме за што се преговара и до каде се тие преговори и дали воопшто нешто се преговара, сакам јавно да упатам една покана до Заев за ТВ-соочување бидејќи граѓаните заслужуваат да знаат. Каков е тој роуд-мап, кои се тие услови кои не биле поврзани со идентитетот – праша Мицкоски завчера во настап на ТВ Сител.
Неговата партија вчера со соопштение го обвини Заев дека „самиот ги урнал позициите на Македонија со интервјуа за бугарски медиуми дека Македонците и Бугарите се ист народ и дека зборуваат ист јазик и го повика да ја прифати поканата за ТВ дуел.
Пред неколку месеци, одговарајќи на барањата од опозицијата на собраниска расправа да се обелодени што точно се разговара со Бугарија, Заев прво рече дека нема да дозволи „да се прави циркус од националните интереси“, а потоа се согласи пратениците да ги разгледаат документите. Сепак, собраниска седница не се одржа затоа што Комисијата за надворешни работи не ги доби документите од МНР за да може да се организира расправата.
Владата постојано тврди дека за идентитетските прашања и за македонскиот јазик не разговара и нема да разговара со Бугарија, а историските прашања ѝ ги остава на Мешовитата комисија. Министерот Османи повеќепати истакна дека за Бугарија современиот македонски идентитет и јазик се факт што Бугарите не го оспоруваат.


