Кога бил дете го удрил камион, сега мозокот му работи 10 пати побрзо од нормалното

Instagram

Колку е 869.463.853 по 73? Додека обичниот човек веќе би посегнал по калкулатор, 20-годишниот Нелаканта Бану Пракаш од Индија веќе го знае одговорот на тоа прашање.

Резултатот е 63.470.861.269, а на Бану му се потребни само 26 секунди за да ја пресмета оваа бројка во неговата глава. Во Индија го нарекуваат „најбрзиот човечки калкулатор“ бидејќи неговиот мозок ги обработува броевите 10 пати побрзо отколку во случај на обичен човек.

Како што вели, покрај неговиот талент, неговите методи, кои тој самиот ги практикува, му помагаат во пресметувањето на толку комплицирани броеви.

Како доказ за неговата способност, Бану освои златен медал на Олимписките игри во менталните спортови во Лондон на 15 август, но како што вели, не било лесно да се достигнат такви способности.

Несреќата променила сè

Бану во 2005 година доживеал несреќа додека возел скутер со еден негов роднина. Нив двајцата ги удрил камион и тој ја удрил главата од земја.

Според Си-ен-ен, кога бил однесен на лекар, на Бану му била дијагностицирана фрактура на черепот и добил 85 конци. Тој исто така имал и неколку операции пред лекарите да го стават во хемиски предизвикана кома.

Бану се разбудил откако поминал речиси седум дена во кома. Тогаш лекарите им рекле на родителите на тогаш петгодишниот Бану дека може да има проблеми со меморијата до крајот на животот како последица на повредите. Следната година ја поминал закрепнувајќи од тешката сообраќајна несреќа и постојано лежејќи во кревет.

– Несреќата го смени начинот на кој порано ја разбирав забавата и тоа е причината зошто сум овде каде што сум – вели овој 20-годишник.

Куќа без огледала

Додека закрепнувал од повредите, Бану научил да игра шах и да решава загатки за да му „работи“ мозокот, а потоа почнал да се занимава и со математички проблеми.

– Се сеќавам на болката… тоа беше најтрауматското искуство што го имав во мојот живот. Не можев да одам на училиште. Морав да се потпрам на загатки и бројки за да бидам подобар – раскажува овој млад човек.

Поради повредите со кои се здобил за време на несреќата, на Бану му останала лузна на главата. Токму затоа, во периодот во кој закрепнувал, неговите родители ги отстраниле сите огледала во куќата.

Солзите на таткото

Како седумгодишно момче Бану го освоил третото место на државниот натпревар во 2007 година за „брза аритметика“. Она што оставило силен впечаток кај него, биле солзите на неговиот татко.

– Татко ми не плачеше поради медалот, туку за сè што поминав за да стигнам таму – вели овој математички генијалец.

Следувале успеси, а во 2011 година победил на државниот натпревар по аритметика. Кога имал 13 години, тој ја претставувал Индија на светските натпревари и соборил дури четири рекорди за најбрза пресметка, множење, супер одземање и ментална математика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот