Санае Такаичи, премиерка на Јапонија/Фото: EPA/KIM KYUNG-HOON / POOL

Коалицијата на Санае Такаичи триумфираше на изборите во Јапонија

Владејачката коалиција предводена од премиерката Санае Такаичи оствари убедлива победа на вонредните парламентарни избори во Јапонија, јавува Ал Џезира.

Според извештаите во медиумите во Јапонија се одржаа вонредни избори за Долниот дом на парламентот, на кои новоизбраната премиерка и лидерка на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), Санае Такаичи, побара од граѓаните јасен мандат и легитимитет за спроведување на политиките на новата влада.

Такаичи беше избрана за премиерка во октомври минатата година со гласање во парламентот, а денешните избори беа нејзин прв директен тест пред гласачите откако ја презеде функцијата.

Според излезните анкети, ЛДП ќе освои апсолутно мнозинство, односно меѓу 274 и 328 пратенички места, а во коалиција со својот партнер  Партијата за обнова на Јапонија  може да достигне и до 350 места во Долниот дом, кој брои вкупно 465 пратеници.

Иако убедливата победа на владејачката коалиција беше очекувана, резултатот е далеку подобар од прогнозите, па дури и од очекувањата на самите стратези на ЛДП, пренесува јавниот сервис НХК.

Гласањето се одвиваше на околу 4.400 избирачки места, но поради обилните снежни врнежи излезноста беше ниска – два часа пред затворањето на гласачките места таа изнесуваше само 26 отсто.

По преземањето на функцијата, Такаичи ја раскина долгогодишната коалиција со центристичката партија Комеито и формираше нов сојуз со десничарската Партија за обнова, со што го запре одливот на гласови кон порадикалните десничарски партии.

Во јануари таа го распушти парламентот и распиша избори, обидувајќи се да ја искористи својата исклучително висока лична популарност од околу 75 отсто, како и растот на поддршката за ЛДП во првите месеци од нејзиното владеење.

Такаичи доби широка поддршка поради остриот став кон притисоците од Пекинг, балансираниот однос со Соединетите Американски Држави и особено поради најавените мерки за ограничување на имиграцијата, вклучувајќи построги визи и покрути услови за добивање статус на постојан престој, пренесува РТС.

Тајван, Кина и националната безбедност

Контроверзии предизвика и нејзината изјава дека евентуална воена интервенција на Кина во Тајван би можела да се смета за „ситуација критична за опстанокот“ на Јапонија  формулација која во јапонската воена доктрина може да значи оправдување за ангажман на армијата во странство.

По таа изјава, Јапонија се соочи со економски последици, вклучувајќи туристички и транспортни бојкоти и ограничувања за извоз на кинески ретки метали. Сепак, одбивањето на Такаичи да ја повлече својата изјава дополнително ја зацврсти нејзината слика како решителна лидерка што се спротивставува на странски притисоци.

Инаку Санае Такаичи е првата жена премиер во историјата на Јапонија, што ѝ донесе дополнителна поддршка и симпатии кај гласачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот