Коалицијата на Нетанјаху го бојкотираше гласањето во Кнесетот за мировниот план на Трамп
Владејачката коалиција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху го бојкотираше парламентарното гласање во средата за резолуција со која се поддржува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на двегодишната војна во Газа, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Гласањето, предложено од лидерот на опозицијата Јаир Лапид, беше претежно симболично, бидејќи Нетанјаху веќе јавно застана зад планот откако Израел постигна договор за прекин на огнот со Хамас во октомври.
За останките што ги предаде Хамас вчера, Израел тврди дека не се на израелски заложник
Помалку од една третина од 120-те пратеници во парламентот учествуваа во гласањето — 39 беа „за“, а ниеден „против“.
Лапид, поранешен премиер, објави на „Икс“:
„Израел сега официјално го поддржува и го усвојува планот на претседателот Трамп,“ заедно со фотографија од него со Трамп.
Незадолжителното гласање можело да биде незгодно за Нетанијаху доколку некои од неговите коалициски партнери, кои го критикуваат планот на Трамп, гласале против. Планот алудира на палестинска државност, на што владата на Нетанијаху се противи.
Трамп беше пречекан со овации кога се обрати во Кнесетот во октомври, неколку дена по стапувањето во сила на прекинот на огнот. Две недели по неговото обраќање беше изгласан и прелиминарен предлог-закон — со 25 гласа „за“ и 24 „против“ — кој бара анексија на окупираниот Западен Брег, откако Трамп претходно изјави дека Израел нема да го анектира тој териториј.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, кој во тоа време бил во посета на Израел, го нарече гласањето „глупаво“ и рече дека го доживува како навреда.


