Книгата „Слободата на стихот“ ќе биде промовирана во Кинотеката

Промоцијата на книгата „Слободата на стихот“ на Сузана В. Спасовска, ретка научна студија за слободниот стих со анализа на стихови од современата македонска поезија, ќе се одржи на 16 јуни во дворот (Летното кино) на Кинотеката на Македонија, во 19 часот.

Промотори на книгата се проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и д-р Атанас Чупоски.

Kнигата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од Сузана В. Спасовска, претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во далечната 2002 година. Рецензенти на изданието се професорите д-р Венко Андоновски и д-р Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет.

Во рецензијата за оваа книга, меѓу другото, може да се прочита и следново: „Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканскиве, и потесно на македонските простори и второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата, туку за филолошката наука воопшто“.

Книгата на 270 страници го проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап прави обид да го дефинира слободниот стих, да ги категоризира неговите карактеристики и да направи типологизација на видовите слободен стих.

Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов.

Сузана В. Спасовска е родена во јуни, 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза.

Досега објавила седум стихозбирки – „И љубов и заговор“ (1996, Македонска книга), „Смртно писмо“ (2004, „Блесок“), „Божествена жена“ (2006, „Темплум“), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014, „Антолог“), „Пеперутка од пепел“ (2018, самостојно издание), „Јазикот на светлината“ (2020, „Македонија презент“) и „Кадуцеј и лира“ (2022, „ВиГ Зеница“). Живее и работи во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот