Насловна корица на книгата „Афоризми, мисли, цитати“

Книгата „Афоризми, мисли, цитати“ од Гоце Милевски ќе има промоција во Домот на култура „Кочо Рацин“

Во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје на 11 ноември ќе се одржи промоцијата на книгата „Афоризми, мисли, цитати“ од Гоце Милевски. Промотори на книгата ќе бидат Кети Мисковска – Јовановска и Крсте Велески.

Во книгата се испреплетуваат лични согледувања и општествени реакции за настаните што го одбележаа периодот на последната деценија, исполнети со политичките превирања, со европските интеграции, очигледните извитоперувања на историјата, глобалните воени конфликти, борбата за идентитет, иселувањето, предизвиците на младината, сиромаштијата и духовната жед за смисла.

Книгата не е ниту белетристика, ниту политички коментар или памфлет, туку е одраз и огледало на времето во кое живееме, време исполнето со неизвесности, поделби, но и надеж.

– „Афоризми, мисли, цитати“ е мој обид да го сублимирам пулсот на едно време што се движи меѓу надежта и разочарувањето, меѓу вистината и манипулацијата, меѓу зборот и молкот. Преку кратки мисли и афоризми се настојува да се фати духот на едно време во кое вистината често се губи во вревата на интересите, а човекот се обидува да ја зачува својата човечност. Секоја мисла е мало сведоштво, секој афоризам – обид за насмевка, предупредување или тивок повик за размислување.

Оваа книга не претендира да даде одговори, туку да постави прашања, оние кои често ги премолчуваме. Да потсети дека и во најтешките времиња, зборот останува најсилното оружје на човекот, особено кога е искрен и остар, за да може да ја пресече тишината и да нè натера да се погледнеме себеси во очи. А кога ќе замолкнат говорите и ќе стивнат вревите, останува она најдрагоценото – силата на мислата што не се плаши да ја каже вистината – вели авторот по повод промоцијата на книгата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот