Разговорот со Виолета Танчева-Златева ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“

Книга на месецот во Градската библиотека во Скопје е романот „Бела Сама“ на Виолета Танчева-Златева

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје на 6 ноември, во 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ“, ќе се одржи разговор со Виолета Танчева-Златева, авторка на книгата на месецот „Бела Сама“.

„Бела Сама“ е трогателен семеен роман, книга за растењето и прифаќањето, за борбата за љубов и топлина, но и за борбата против самотијата.

Виолета Танчева-Златева (1968, с. Бориево, Струмица) е поетеса, раскажувач, есеист, преведувач, лектор. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Била член на редакциите на списанието за книжевност и култура „Акт“ и на списанието „Стожер“ на ДПМ. Работи како лектор во Издавачки центар „Три“ – Скопје.

Има објавено повеќе прозни и поетски книги: проза – „Книга за сонот“ (куса проза, 1991), „Враќања“ (роман, 1993), „Враќајќи се во Бориево“ (раскази, 1999), епистоларниот роман за деца „Шарени писма“ (2008), „Раскази од минатиот век“ (2022), романот „Бела Сама“ (2023).

Поезија: „Мојот Пикасо“ (2007; и двојазично издание на српски и македонски јазик „Мој Пикасо / Мојот Пикасо“, Задужбина „Петар Кочиќ“, Бања Лука – Београд, 2008), „Заробеници на молкот“ (2010), „Огнена“ (2011), „Нашата приказна“ (2013), „Година без лето“ (2015, и на англиски „A Summerless Year“ во издание на Струшки вечери на поезијата, 2016), „Патот“ (2018), „На работ на светот“ и „Капе времето“ (2021), „Глуво време“ (2023).

Застапена е во повеќе избори, панорами и антологии на повеќе јазици и добитник е на повеќе значајни домашни и меѓународни книжевни награди.

Разговорот со Виолета Танчева-Златева ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фраменти од романот ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Книгата на месецот и Разговорот со авторот се дел од големата кампања #Читаме Современи Македонски Автори. Месецот ќе се заокружи со Клубот на читатели, закажан за 28 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот