Книга „Балканот – шпионски крстопат“: Поглед кон светот на разузнавачките служби

Професорот Иван Бабановски, како еден од најпознатите аналитичари во сферите на безбедноста, разузнавањето и контраразузнавањето, по 11 објавени книги со содржини од овие области, пред неколку денови ја објави и својата најнова книга „Балканот – шпионски крстопат“.

Последните три децении Балканот поминува низ пеколот на војните, политичка дестабилизација, економски колапс, експлозија на организиран криминал, огромна корупција, јакнење на мафијашките структури и ерозија на сите државни системи и субјекти за борба против асоцијалните појави и сите видови и облици на безбедносни ризици и загрозувања, забележува безбедносниот аналитичар Иван Бабановски во својата најнова книга „Балканот – шпионски крстопат“.

Книгата е објавена од „Академски печат“, рецензенти се проф. д-р Самуил Садикарио Колономос и криминалистот Енвер Исеини, а рецензија на страниците на книгата има и Мартин Димковски Бабагинин, кој го направи и дизајнот на корицата.

– Книгата „Балканот – шпионски крстопат“ на Иван Бабановски на аргументиран и на пристапен начин, со познат стил близок и јасен за читателите, ни го претставува светот на разузнавачките служби, нивното делување на Балканот во периодот на дисолуција на СФРЈ и обезбедување претпоставки за продор на исламскиот фундаментализам и на други радикални сили во Европа. Како и во другите негови книги, читателот оттаму црпи огромен број проверени и документирани информации за тајните операции и за нивните носители на тлото на Балканот и пошироко во цела Европа – забележува Бабагинин во својата рецензија.

На приближно 400 страници авторот на книгата ги растајнува и ги разјаснува двојните шпионски игри на разузнавачите од повеќе светски служби и агенции. Книгата не застрашува, туку предупредува и укажува дека носителите на злото мора да бидат следени, разоткривани и оневозможувани во името на правата и на слободите на сите граѓани на светот.

Содржините во книгата се појаснети и поткрепени со фусноти и со прилози, но и со веродостојни фотографии и останата фотодокументација. Покрај фокусот на Балканот и некои случувања во нашата држава, Бабановски ги толкува и односите помеѓу разузнавачките служби на големите сили, како САД, Кина, Русија, Велика Британија, Германија, Франција, Израел, Индија и други.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 57, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот